Засега нема да има свадби и веселби

од Nikola Popovski

„И во други наврати сме навеле и сега ќе повторам, дека за нас, како Влада секако е неприфатливо да донесеме спротивни одлуки од тоа што го предлага Комисијата за заразни болести. Угостителските објекти за свадби, согласно препораките, ќе останат затворени, а Владата ќе ги поддржи дополнително доколку има нови рестрикции“, изјави денес министерот за економија Крешник Бектеши, одговарајќи на новинарско прашање за барањето на угостителите да можат да организираат веселби.

Ставот на Бектеши е дециден во споредба со оној на вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, кој досега преговараше со сопствениците на ваквите ресторани и договори да се направат протоколи кои беа испратени до Комисијата за заразни болести.

И заменикот-министерот за здравство Илир Хасани вели дека протоколи за вакви ресторани е многу тешко да се спроведат поради самиот чин на свадбите, кој тешко се контролира.

„Владата здравјето го става над сè. Јас не би се чувствувал спокојно доколку сум бил присутен на свадба на која 300 души се гушкале и веселеле. Ќе останам на овој став додека не се подобри епидемиолошката состојба и ќе го почитувам мислењето на Комисијата за заразни болести додека смета дека не треба да се отвораат овие свадбарски ресторани“, рече Хасани.

Слични содржини