Зеленски изрази незадоволство поради санкциите против Русија

од Stefanija Kuzmanovska

Во четвртокот, украинскиот претседател Владимир Зеленски изрази незадоволство поради поделбите во Европската унија (ЕУ) поради новите санкции против Русија и се прашуваше зошто на некои земји им беше дозволено да го блокираат планот.

„Уште колку недели ЕУ ќе се обиде да го договори шестиот пакет?“, праша Зеленски во доцното ноќно обраќање, истакнувајќи дека Русија добива една милијарда евра дневно за снабдување со енергија од 27-члениот блок.

Имено, како што потсетува „Ројтерс“, ЕУ разговара за шестата рунда мерки против Русија, вклучувајќи го и ембаргото за увоз на руска нафта. За таков потег е потребен консензус од сите земји-членки, но Унгарија засега се спротивставува на идејата, тврдејќи дека нејзината економија ќе претрпи преголема штета.

„Секако дека сум благодарен на оние пријатели кои се залагаат за нови санкции. Но, од каде доаѓа моќта за луѓето што го блокираат овој шести пакет? Зошто им се дозволува да имаат толкава моќ?“, изјави Зеленски.

Официјален Берлин се надева дека разговорите за нова рунда санкции ќе бидат завршени наскоро, но тоа нема да биде тема на самитот на ЕУ следната недела, изјави во средата германски претставник.

Втор ден по ред изјавите на украинскиот претседател ја заоструваат реториката кога станува збор за пристапот на светот кон војната во Украина.

„Притисокот врз Русија е буквално прашање на спасување животи. И секој ден на одолговлекување, слабост, разни спорови или предлози за ‘смирување’ на агресорот, само значи дека повеќе Украинци ќе бидат убиени“, рече Зеленски.

Во средата, тој беше бесен од предлозите за отстапки на Киев за постигнување мир, велејќи дека идејата зрачи со обиди да се смири нацистичка Германија во 1938 година. Тој, исто така, ги повтори поплаките дека светот не успеал целосно да го изолира рускиот банкарски систем и дека не достави тешко вооружување во Украина доволно брзо.

Слични содржини