Зеленски: Русија ни ги киднапира децата и ги учи да ја мразат Украина

од Radmila Tasevska

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во своето обраќање на Генералното собрание на ОН ја обвини Русија дека киднапирала украински деца и ги учи да ја мразат Украина.

– Ова е јасно геноцид. Мораме да дејствуваме обединети за да ја победиме Русија и за да може ОН да се фокусира на други глобални предизвици, додаде тој.

Зеленски потоа ги соопшти плановите да биде домаќин на глобален мировен самит, повикувајќи ги „сите кои не толерираат каква било агресија“.

Тој ги повика сите земји да ја поддржат Украина во отворање на привремен поморски извозен коридор за да се обезбеди достапност на нејзините прехранбени производи на глобалниот пазар, откако Москва ја поткопа црноморската иницијатива за жито.

Зеленски рече дека е „алармантно“ да се видат некои европски земји како „играат солидарност во политичкиот театар“, мислејќи на најавите на Полска, Словачка и Унгарија дека ќе воведат свои ограничувања за увоз на украинско жито.

Украинскиот претседател своето обраќање го почна говорејќи за напорите за нуклеарно разоружување за време на Втората светска војна. Стратегијата ја опиша како добра, но е убеден дека „не треба да биде единствената стратегија“.

Тој потсети дека Украина го предаде својот нуклеарен арсенал, но потоа светот „одлучи дека Русија треба да стане чувар на таквата моќ“.

– Историјата покажува дека Русија беше таа што заслужи нуклеарно разоружување уште во 1990-тите, рече тој.

Зеленски ја обвини Русија дека користи многу алатки како оружје не само против Украина, туку и против други земји. Тој нагласи дека е јасно дека Русија се обидува да го искористи недостигот на храна на глобалниот пазар во замена за признавање на нејзините освоени територии во Украина.

– Русија ги користи цените на храната како оружје. Нејзиното влијание се протега од атлантскиот брег на Африка до Југоисточна Азија, рече украинскиот претседател.

Слични содржини