Жерновски: Во Владата врие од Бугари, Мицкоски осум месеци одбива да демантира дека барал бугарски пасош

Меѓународниот секретар на СДСМ ги спомна имињата на премиерот Христијан Мицкоски, министерката Сања Божиновска и генсекот на Владата, Игор Јанушев

од Nikola Popovski
369 прегледи Фото: СДСМ

Меѓународниот секретар на СДСМ, Андреј Жерновски со свој коментар на иницијативата на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ за забрана за двојно државјанство за пратениците. Жерновски тврди дека во Владата, како што вели, врие од бугарски државјани.

Според него, потегот на пратениците од најголемата владејачка партија е да се пренасочи вниманието од „Илинденска бр.2“ кон Парламентот.

„Зошто? Па зашто таму врие од Бугари, од пробугари, од Бугари со државјанство, како и од оние кои покренале постапка за поседување бугарски пасош, ама не стигнале да го извадат. Кои се тие патриоти? Па, ајде да почнеме со првиот, а зошто не и со вториот човек во Владата. Поминаа 8 МЕСЕЦИ како Мицкоски упорно одбива да ја демантира веста која беше објавена во бугарски весник дека лично тој поднел барање за издавање на бугарски пасош. Според изворот, во 2008 година, премиерот на Македонија, Христијан Мицкоски, поднел барање до бугарското конзуларно претставништво во Скопјe за бугарско државјанство. Како што стои во текстот на медиумот, во тоа време генерален конзул на Бугарија во Македонија бил извесен Венцислав Цветанов. Бугарскиот медиум пишува и дека дел од роднините на Мицкоски имаат фирми во соседна Бугарија, додавајќи и дека снаата на премиерот има бугарски пасош.

Да потстетам дека за да започнеш постапка за добивање на бугарски пасош, мора да се изјасниш дека се чувствуваш блгарин, дека имаш блгарско самочувствие, секако и СВОЕРАЧНО ДА ПОТПИШЕШ ДЕКА ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ Е БУГАРИН, односно дека сите македонски дејци се Бугари.

Сега малку и за вториот човек во хиерархијата, генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев. Тој “машки и громогласно” 12 МЕСЕЦИ ја премолчува и не ја демантира веста објавена во бугарските медиуми дека е БУГАРСКИ ДРЖАВЈАНИН! Понатаму, дека е сопственик на компанијата регистрирана во Бугарија, „Флугбан Транс” ДОО, кој својот бизнис го развива во Ќустендил од 2015 година. Ниту ја демантира веста како бугарското државјанство го стекнал повикувајќи се на тоа дека потекнува од семејство со длабоки корени во бугарското ослободително движење преку неговиот прадедо Димитар Јанушев, кој бил истакнат член на Внатрешната Македонско-Одринска револуционерна организација (ВМОРО).

Да не го заборавиме и сведокот за празниот буџет на државата, министерката за енергетика Сања Божиновска, која јавно призна дека била бугарска државјанка и која веќе 20 МЕСЕЦИ никако да се доконсултира со нејзиниот адвокат во врска со прашањето на новинарите дали сè уште има бугарска самосвест.

П.С. “Имам чувство”, односно “гласините велат”, дека во наредниот период ќе се појават во јавноста наведените документи“, стои, меѓу другото, во реакцијата на меѓународниот секретар на СДСМ.