Зошто државното здравство доби „двојка“ од граѓаните? „Се додека има партиски директори, јавното здравство само ќе преживува“

од Nikola Popovski

Граѓаните немаат голема доверба во јавното државно здравство. Според нив, македонското здравство заслужува средна оценка „двојка“, покажува најновото истражување на јавното мислење, што за „Детектор“ го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје. Истражувањето покажува и дека граѓаните се жалат дека закажувањето и чекањето за преглед се најголем проблем. Исто така интересен податок е што 22,7% од анкетираните велат дека на лекар почесто одат во приватни здравствени установи.

д-р Никола Пановски

Дел од медицинските лица сметаат дека ваквата оценка е реална иако претставува само просек. Микробиологот и поранешен директор на Фондот за здравство, д-р Никола Пановски во разговор за „Локално“ вели дека и во јавното здравство има установи кои работат солидно, на пример дел од матичните доктори, кои иако приватни, се дел од јавното здравство.

-Мислам дека и лековите на фондовски рецепт се подостапни сега отколку порано. Има болници во Скопје кои се преоптеретени и болници во помалите градови кои се полупразни, така да, како просек е во ред, но за жал ваквите анкети дејствуваат дестимулативно за оние ретките кои работат солидно, посочува докторот.

Во однос на незадоволството од закажувањето и чекањето преглед како проблем, Пановски оценува дека мораме да направиме разграничување на чекање за преглед за итни случаи и за оние кои не се толку итни.

-Инаку, во многу развиени земји во светот, исто така се чека со недели па и месеци за да, на пример, го сликаат коленото кое наболува, ако пациентот има само основен пакет на осигурување. Јазот меѓу приватно и јавно здравство во некои сегменти е огромен. Зошто? Па на пример, набавките во приватно здравство се прават за еден ден, електронски или преку меил, во јавното, околу 6 месеци. Во приватното здравство нема вдомени партиски кадри ниту вишок на администрација. Со приватното здравство не раководат партиски избрани кадри, туку докажаните менаџери и врвните доктори се шефови на стручниот колегиум. Приватното здравство ги формира слободно цените, а избира услуги кои носат профит и се со предвидливи трошоци. Вработува и отпушта кадри според потребата на пазарот. Ги избира најквалитетните кадри докажани претходно во јавното здравство. Ги плаќа според учинокот. Се разбира секоја приватна здравствена установа се грижи да не биде надмината од друга приватна установа, значи постои конкуренција ( и здрава, но и нездрава), порачува докторот за разликата меѓу државното и приватното здравство.

Тој е дециден дека многу треба да се промени.

-Минатата година заврши траењето на Стратегијата за здравство во РМ за период 2007-2022. Учестввував во нејзиното создавање. Се изгласа консензуално во Собранието. И толку!!! Ден по гласањето се заборави. Се направија промени спротивни на Стратегијата, на пример се подели Клиничкиот центар на 30 клиники и институти. Се поставија економски директори, со 30 управни одбори, се наопаку и спротивно од Стратегијата. Таа практика продолжи и кога СДСМ 2017 дојде, а ДУИ продолжи да владее. Многу широка тема. Само ова ќе го потенцирам. Се додека има партиски директори во здравството, избрани од партиите и распределени по партиски клуч, јавното здравство само ќе преживува. Стручните директори, особено на универзитетските клиники треба да ги избира лекарскиот колегиум на установата со тајно гласање. Во социјализмот, сепак имаше директори кои не беа членови на единствената тогаш СКМ. Сега и во тој поглед сме поназад, што е срамно, дециден е д-р Пановски.

д-р Александар Петличковски

Претседателот на Комисијата за заразни болести и директор на Институтот за имунологија, д-р Александар Петличковски смета дека ниската оценка од граѓаните произлегува од искуствата на граѓаните кои се јавуваат во здравствени установи и тие се веројатно во право со нивната перцепција.

-При тоа, не мислам дека кадарот, или застарената опрема е нашиот најголем проблем. Најголем проблем ни е организацијата на давањето на здравствените услуги и тука може и мора подобро, вели Петличковски за „Локално“.

Нагласува дека кадарот во приватните болници е истиот тој кадар кој се обучувал и до вчера работел во државното здравство.

-Различен е менаџментот. Мој впечаток е дека кога станува збор за здравствени услуги покриени во јавното здравство, сите заедно не се однесуваме баш домаќински. На пр. секој еден пациент практично има достап до терциерна здравствена заштита и до сите можни испитувања и анализи, што секако за некој пациент е оправдано, но за друг не е оправдано, односно се прави за секој случај. Исто така, мислам дека политиката има многу поголема улога (секако негативна) во јавното здравство отколку во приватното, вели докторот за проблемите во здравството.

На прашањето што треба да се промени во државното јавно здравство, д-р Петличковски смета дека идеален почеток за подобрување на состојбата би бил кога би се минимизирала улогата на политиката во здравството.

-Ние немаме многу високо стручни кадри, а имаме многу политичари. Мислењето на стручњаците мора да се вреднува посоодветно, т.е. повеќе. Втор, а можеби и поважен приоритет е наоѓање начин да се задржат одличните млади дипломирани лекари во државата. Тоа може да го постигнеме ако им гарантираме дека на најдобрите студенти од секоја генерација ќе им биде гарантирано вработување според нивниот афинитет и интерес, посочува докторот.

Н.П.

Слични содржини