Зошто Русија не трпи штета и покрај намалениот извоз на гас во Европа?

од Vladimir Zorba

Сè поагресивните акции на Русија против нејзините европски купувачи на гас го земаат својот данок. Извозот на руски природен гас е намален за повеќе од една четвртина од јануари. Но, зголемените цени ја одржаа руската каса во добра состојба иако испораките се прекинати.

Извозот на руски гас во земји надвор од Заедницата на независни држави, кој вклучува 11 земји од Централна Азија и Источна Европа, падна за речиси 28 отсто во првите пет месеци од 2022 година, објави во средата рускиот државен енергетски гигант „Газпром“.

Компанијата под раководство на Кремљ досега прекина најмалку 20 милијарди кубни метри гас годишно на клиентите во шест европски земји – Полска, Бугарија, Финска, Данска, Германија и Холандија – поради тоа што не плаќале во рубљи, на барање на рускиот претседател, Владимир Путин во март.

Тоа изнесува речиси 13 отсто од вкупниот годишен увоз на гас во Европската унија од Русија, според Меѓународната агенција за енергетика.

Сепак, Џејмс Хакстеп, шеф за анализа на гас во S&P Global Commodity Insights, изјави за CNN Business дека цените на гасот се зголемиле во просек до 96 евра за мегават-час во текот на 2022 година. Како резултат на тоа, Русија веројатно нема да генерира значително помал приход без нови намалувања, рече Хакстеп.

По ултиматумот на Путин, „Газпром“ им понуди на клиентите решение. Купувачите би можеле да уплатат во евра или долари на сметка во руската „Газпромбанк“, која потоа средствата би ги претворила во рубљи и би ги префрлила на друга сметка од која би се плаќале во Русија.

Многу големи клиенти ја прифатија понудата на „Газпром“ за одржување на протокот на гас. Но, другите се спротивставија. Во вторникот, Shell Energy објави дека не се согласила со нови услови за плаќање, што резултираше со тоа што „Газпром“ да ја прекине испораката до своите германски клиенти. Холандската „GasTerra“ на сличен начин објави во соопштението од понеделникот дека нема да ги исполни барањата на „Газпром“ за еднострани плаќања.

ЕУ веќе брзо се движи кон намалување на зависноста од Москва, зголемувајќи го увозот на течен природен гас (ЛНГ) и ветувајќи дека ќе ја намали потрошувачката на руски гас за 66 отсто пред крајот на оваа година.

Земјите исто така се тркаат да ги надополнат капацитетите за складирање гас пред зимата за да избегнат потенцијални катастрофални шокови во снабдувањето. Европската унија си постави цел до ноември да ги наполни подземните складишта во нејзините земји-членки за најмалку 80 отсто.

Германија, најголемата европска економија, во голема мера се потпира на рускиот гас за загревање на домаќинствата и за напојување на тешката индустрија, но успеа да го намали уделот на рускиот гас во увозот од 55% на 35% пред почетокот на војната во Украина.

Русија можеби сè уште не го чувствува влијанието. Иако ЕУ е најголемиот светски купувач на гас, зголемените цени на нафтата и природниот гас ги зголемија приходите на Москва. Увозот на фосилни горива во ЕУ од Русија генерирал 47 милијарди долари за два месеци по инвазијата на Украина, што е двојно повеќе од вредноста во истиот период во 2021 година.

И некои од најголемите европски енергетски компании го започнаа процесот на отворање нови сметки со „Газпромбанк“ за одржување на протокот на гас, и покрај инсистирањето на претставниците на ЕУ дека таквиот потег би бил спротивен на санкциите против Русија.

Но, како што Европа се повеќе и повеќе се оддалечува од рускиот гас, на Москва ќе и биде потешко да најде замени купувачи во наредните месеци – како што направи за нејзината нафта – бидејќи извозот на гас главно се испорачува преку цевководи, за што може да бидат потребни години за да се изгради.

Слични содржини