Деловникот на Анкетната комисија за скандалот со прислушувањето ќе биде гласан некој друг ден од оваа недела, кога ќе заврши усогласувањето меѓу 16-те члена. За ВМРО ДПМНЕ најспорно е што претседателот Петре Шилегов предлага неговиот глас да биде одлучувачки, доколку некоја предлог-одлука добие подеднаков број гласови „за“ и „против“.

anketna_za_prislusuvanjeto

-Правото на претседателот да гласа последен во случај на поделени гласови и начинот на кој ќе гласа претседателот да биде условно мнозинство на одлуката на Комисијата е меѓународен стандард, предвиден и во словачкиот парламент и не е никаков исклучок и е со цел да не ја доведеме Комисијата да биде заложник на бројка на определена пратеничка група, одговори Шилегов.

Владеачката партија смета дека најголем недостаток е што Шилегов самиот подготвил предлог-Деловник, без договор со другите членови. Но, тој ова го сфати како опструкција на денешната седница, бидејќи предлогот го доставил по елетронска пошта уште пред пет дена, а не добил ниту една забелешка.Пратениците од владејачката партија обвинија дека текстот не го добиле на своите е- маил адреси и дел од нив не знаеле дека до денеска треба да се произнесат доколку имаат забелешки.

-Предлог-Деловникот е доставен без кој било член на Комисијата да биде консултиран, пред да се одржи оваа седница. Сметаме дека е многу подобро доколку вие како претседател на Комисијата претходно најдовте за сходно да направите неформални консултации со пратеничките групи за да можеме да имаме усогласен настап и да можеме веќе кога ќе одржиме седница да бидеме поблиску до остварување на целта, рече пратеникот Антонио Милошески – член на Анкетната Комисија.
-Жал ми е што морам да констатирам дека за мене ова што се случува денеска не е неочекувано сценарио,ова е едно од сценаријата кои ги калкулирав како полоши за почнување на работата на Анкетната Комисија. До денешен ден ниту на е-маил адресата, ниту до мене лично од вас не ми беше доставена никаква забелешка, уште повеќе што дента кога е пратена ова е-маил адреса во попладневните часови ви беше испратена и официјалната покана. Дали ќе сте одговориле во рок од 5 дена или не, ние сме тука секојдневно заедно. Ниту од кој било од вас до денешен ден не примив никаква ниту усна ниту писмена забелешка за содржината на текстот на Предлог- Деловникот за работа. Ова е несериозен пристап кон работата, рече Петре Шилегов, претседател на Комисијата.

По два часа дискусија околу начинот на кој би требало да се испрати Деловникот, членовите на Комисијата се договорија седницата да ја продолжат во четврток, а утре по еден претставник од секоја пратеничка група и независните пратеници да ги достават забелешките кои што ги имаат.
Оваа комисија има шест недели да испраша по три сведока предложени од секоја пратеничка група. До крајот на јануари треба да подготви извештај во кој, ќе ја утврди хронолигијата на настаните и околностите, политичката одговорност поврзана со прислушувањето и со содржината на објавените материјали и препораки за да не се повтори ваков скандал.

Слични содржини