Грција вети дека за неколку дена ќе достави список со сопствени предлози за реформи, изјави рано изутринава германскиот канцелар Ангела Меркел по тричасовната средба на финансиските министри од еврозоната, наменета за Грција.

ципрасс

Таа дополни дека финансиските министри од еврозоната се подготвени во најбрз можен рок повторно да се соберат за да ги оценета плановите за реформи, јави ДПА.

Атина треба да предложи реформи кои одговараат на веќе преземените ангажмани кон кредиторите и да се забрза напредокот, изјави францускиот претседател Франсоа Оланд.

„Основа за реформите останува договорот постигнат на 20 февруари од Еврогрупата“, се посочува во изјавата на претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер, претседателот на Советот Доналд Туск и раководителот на Еврогрупата Јерун Дејселблум.

„Во духот на взаемната доверба сите сме подготвени да ја забрзаме работата и да ја завршиме што поскоро“, се посочува во документот.

Грчкиот премиер Алексис Ципрас посочи дека по преговорите му се зголемил оптимизомот и вети дека Грција ќе ги претстави и спроведе неопходните реформи.

– Мислам дека сите страни ја потврдија намерата да се обидат да го направат најдобро можното за надминување на потешкотииите на грчката економија, колку што е можно побрзо, рече Ципрас.

Синоќешната средба беше договорена по барање на Атина откако техничките тимови на Грција и нејзините доверители во последните неколку дена немаа напредок во договарањето на реформите со кои ќе се одблокира барем дел од 7,2 милијарди евра, колку што преостанаа од кредитот за спас кои на владата и се неопходни за да не се доведе во ситуација да нема воопшто пари.

– Разговорите во Атина вчера беа паузирани. Тоа е нормална процедура и може да биде корисна за да се направи преглед. Постои желба да се разговара, но Грците мора да дадат резултати, изјави висок претставник на Унијата.

Пред синоќешниот состанок, Меркел ги минимизираше очекувањата за каков било видлив напредок на средбата, нагласувајќи дека се зависи од 19-те министри за финансии на еврозоната.

– Сакам да кажам: Не очекувајте решение, не очекувајте пробив. Тоа не е вистинскиот амбиент. Одлуките се донесуваат во Еврогрупата, а тоа така и ќе остане, изјави таа при пристигнувањето на самитот.

Дијселблум исто така ги отфрли сите надежи дека страните ќе постигнат некаков заклучок на мини-собирот.

– Вечерва само ќе се направи преглед на напредокот што е постигнат, кој се чини дека е мал, и се надевам дека повторно ќе ја придвижиме целата работа, бидејќи имаме уште многу работа што треба да се заврши, изјави холандскиот министер за финансии.

Во пресрет на самитот, Ципрас инсистираше на тоа дека партнерите на Грција треба да направат повеќе.

– На ЕУ и требаат повеќе политички иницијативи кои ги почитуваат и демократијата и нејзините договори, со цел кризата да ја оставиме зад себе и да се придвижиме кон раст, изјави Ципрас, пренесува дописникот на МИА од Атина.

Грчки владини извори изјавија дека за време на состанокот на Европскиот совет што се одржа пред разговорите на Грција, Ципрас изразил фрустрираност кон кредитори на земјата за нивните приговори на легислативата наменета за справување со социјалното влијание на кризата. Според истите извори, Ципрас им рекол на своите колеги дека тоа не е фер Атина да се обвинува за еднострани дејства/МИА

Слични содржини