Џивџани

од desk4

Зконот за јазици е уставен ! Овој став кој имам намера да го докажам во кратки црти колку дозволува текст од ваков размер, не задира во купот околни, спорадични консидерации и оценки со кои се водеше напната, празна иако на моменти забавна полемика низ медиумите околу овој закон. Тие се однесувааа на се друго, но не и на прашањето кое беше идеолошка ударна фраза: дали законот е во склад со уставот или не! Во таа смисла делот на расправата која можеме да ја означиме како „експертска“ бидејки ад-хоминем се водеше од личности кои имаа формална титула – ја оценувам како нечесна, манипулативна, омајувачка како би ја нарекол Ленин „опијум за напалениот народ“. Нечесна поради фактот што се користеше термин „законот е неуставен“ а со ниту една пристојна анализа не се покажа тоа во компаративно сомерување на одредбите на законот и соодветните уставни норми! Екпертите немаа професионална чесност да направат (од незнаење или несакање), дистанца од своите приватни одиуми, нетрпеливости, омрази или стравови – со скрупулната ладна компаративна анализа на законските и уставните одредби релевантни за законот. Погодувате секако, драги мои, дека онаа гротескна фигура, или шекспировски кажано срамен суверен, Хорхе истапи со истите „тапи забелешки“ кои претходните „експертке“ ги изложија во јавноста во обид за сопирање на овој закон.

Зошто е законот за јазици уставен? Од два аспекта тоа се оценува: првиот е дали има уставна основа на која се потпира, од која извира можноста да биде донесен, а вториот е подетална компарација дали неговите одредби (и кои) се во судир со уставните норми (и кои)!

Законот за јазици од првиот аспект се потпира на ставот пет, од членот седум на Уставот (Амандман 5) кој се однесува на јазикот, каде се вели дека: „…Во органите на државна власт на Република Македонија службен јазик различен од македонскиот јазик може да се користи во согласност со закон….“! Тоа е јасно, таков закон е овој закон и точка!

Оваа одредба експлицира дека другите јазици (албанскиот во овој случај е предмет „на спор“), можат да се користат во службена употреба во сите органи на државната власт (на целата територија и во судството бидејќи е тоа независен, но неспорен дел од уставно-поделената државна власт во целина). Но ова не значи ниту дефинира дека тие други јазици се во еднаква официјална (службена) употреба во таковите случаи. Што не го согледуваат во емотивна лутина нашите експертке-миличке! Имено, македонскиот јазик согласно претходните уставни одредби на членот 7 е БЕЗ УСЛОВИ во употреба како официјален јазик на целата територија и во сите органи на државната власт, како и и во меѓународните односи. За разлика од тоа (а тоа е супстанцијална разлика) друг јазик кој го зборуваат најмалку 20% од малцинските заедници, а има можност да се користи во службена употреба: прво, не се користи во меѓународните односи, а второ, кога се користи во сите државни органи и на цела територија на државата – тоа е ПОД УСЛОВИ наведени во законот. Што значи, дека не се работи за лесно-изречената „двојазичност“ што имплицира математичка еднаквост и сила на употребата на двата јазика!

Да видиме сега кои се тие услови на употребата на друг јазик на целата територија и во сите органи на државната власт?

Начинот на кој се конципирани сите членови на законот е следен: во првите ставови на членот е поставена општата можнст за користење на двата јазика, македонскиот и другиот кој го зборуваат најмалку 20 % од населението (албанскиот), а во следните ставови е поставен под кој услов се активира, оперативно се користи другиот јазик.

Да го земеме на пример членот 9 од Законот за употреба на друг јазик во судските и сите други постапки пред различни органи: прво се дава можност за користење на двата јазика, а потоа во ставовите 2 и 3 се кажува под кој услов се активира водењето на постапката на друг јазик освен македонскиот, а тоа е ако некој клучен учесник на тие постапки (судија, обвинител или странка) го зборува другиот (албанскиот) јазик како мајчин. Под тој услов се активира неговата „службеност“. Така е и во членовите 10 и 11 (нотари, извршители и затвори). Нормално е дека сите документи, закони и други акти кои се однесуваат за населението во целина каде дел се граѓаните од другите заедници се објавуваат и на двата јазика.

За банкнотите е речено дека на нив се користат и културните симболи на заедниците кои се малцински (а не јазикот како е манипулирано, член 8). На написите на полицијата, албанскиот се користи само во општините каде малцинството е најмалку 20% , а не на целата територија (како е манипулирано). За сите лични документи за граѓаните од немнозинските заедници кои се најмалку 20%, по лично барање и на нивниот јазик (член 12, став 3, и член 14). На граничните премини само во граничните општини каде има најмалку 20% албанско население (член 16, став 2).

Генерално во член 1 став 1 дефиниран е „безусловниот“ службен јазик, македонскиот и неговото кирилско писмо и неговата употреба на целата територија и во меѓународните односи, а во вториот став дадена е можноста за употреба: „… во службена употреба“ (не се користи термин втор официјален јазик) е и јазикот кој го зборуваат најмалку 20% од немнозинските заедници (албанскиот).

Од сево ова произлегува согласноста и непротивречноста на основните одредби на овој закон со Уставот на РМ. Но и бесмисленоста на терминот „експерти“ кои сметале дека со тоа што рекле, недорекле дека законот не е во согласност со амандманот 5 (членот 7) од Уставот, мислеле дека кажале многу, или дека докажале неуставност. Но она што единствено покажале е дека се ликови без смисла и врска и можат да се користат само колатерално како „мотки“ за прескакање бара… за да се дојде до некои смислени заклучоци со минимална правна скрупула.

Така што забавната теза за ваквите „тројки“ (не ми е јасно зошто постојано во тројки се групираат) не може да се примени Диреровската метафора за „Трите грации во одбрана на унитарноста“ туку повеќе стихоклепната детска: џивџанче миличко, џивџанче сивичко…

Љубомир Д. Фрчкоски

Слични содржини