Драги Рашковски именуван за генерален секретар – Владата ги формира работните тела

од Vladimir Zorba

Владата на Република Македонија денеска ја одржа првата седница, на која, како што се наведува во соопштението, е изразена заедничка согласност за посветена и ефикасна работа на членовите, во интерес на потребите на граѓаните и на државните интереси на Република Македонија, низ добра соработка и меѓусебно почитување.

На денешната седница, претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев определи петмина заменици, и тоа: Радмила Шекеринска Јанковска, за заменичка на претседателот на Владата и министерка за одбрана, Оливер Спасовски, за заменик на претседателот на Владата и министер за внатрешни работи, Бујар Османи, министер без ресор, за заменик на претседателот на Владата, задолжен за европски прашања, Кочо Анѓушев, министер без ресор, за заменик на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори и Хазби Лика, министер без ресор, за заменик на претседателот на Владата, задолжен за спроведување на Рамковниот договор и политички систем.

Од редот на министрите без ресор, претседателот на Владата ги определи: Роберт Поповски, министер без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Едмонд Адеми, министер без ресор, задолжен за дијаспора, Андан Ќахил, министер без ресор задолжен за странски инвестиции, Самка Ибраимовски, министер без ресор, задолжен за имплементација на Стратегијата за подобрување на состојбата на Ромите во Република Македонија, Зоран Шапуриќ, министер без ресор задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија, Зорица Апостоловска, министерка без ресор задолжена за странски инвестиции и Рамиз Мерко, министер без ресор задолжен за странски инвестиции.

На денешната владина седница за генерален секретар на Владата на Република Македонија е именуван Драги Рашковски.

Формирани се и основните комисии на Владата и тоа: Комисијата за економски систем и тековна економска политика, Комисијата за политички систем и Комисијата за човечки ресурси и одржлив развој.

На владината седница се формирани и посебните комисии на Владата, и тоа: Комисијата за именување, Комисијата за станбени прашања и Комисијата за приватизација.

На седницата на Владата е формиран и Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи, чијшто раководител е Оливер Спасовски, заменик на претседателот на Владата и министер за внатрешни работи.

Слични содржини