И покрај уште една одржана рунда разговори, Грција сѐ уште не нуди солидни факти и бројки. Атина си игра со очекувањата на партнерите од еврозоната, но нејзината „сѐ или ништо“ стратегија може да ѝ се врати како бумеранг

Каде води сето ова? Во понеделникот грчката влада ја прекина втората рунда од преговорите со еврогрупата во Брисел, само затоа што не беа прифатени нејзините барања. Она што ги фрустрираше дури и искусните ЕУ преговарачи беше фактот дека двете страни не успеаја да започнат вистинска, содржајна дискусија.
Грчкиот министер за финансии Јанис Варуфакис до денес не поднесе ниту еден лист хартија со солидни податоци, бројки или желби на грчката влада. Варуфакис дури имплицираше дека неговите колеги можат да го прочитаат Њујорк Тајмс за објаснување на замисленото решение, и притоа понуди само неколку избрзани објаснувања по разговорите. Зборувајќи пред новинарите, тој рече дека Грција ќе стори сѐ што е во нејзина моќ да се дојде до решение, и дека таквото решение може да биде постигнато и до среда.

Варуфакис не ги сфаќа сериозно колегите

Јасно е дека грчкиот министер за финансии има тенденција кон дрскост. Колегите не заслужуваат ваков третман, особено кога се бараат пари од нив. Малку е веројатно дека германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле и другите ќе дозволат да бидат надмудрувани од Варуфакис. Дури и пред крахот на понеделничките разговори, расположението не беше многу оптимистичко, а некои споменуваа и недостаток на доверба во грчките ветувања. Обидот да се изиграат Европската комисија и еврогрупата едни против други, исто така не успеа. Атина ја потроши добрата волја на ЕУ.
Можеби Варуфакис бара нова работа како колумнист во меѓународен весник. Зошто инаку прво би ги објавил желбите на неговата земја за премостување на финансирањето без услови во американскиот печат, а потоа дури ги презентира во Брисел како единствена рамка за преговори? Се надеваше ли дека повторно ќе ги убеди американските претставници да интервенираат? Тој оди по погрешен пат со таквиот пристап. Или можеби Варуфакис се надева дека ќе добие пари од Американците? Со среќа.

Професионална пропагандна битка

Иако кризниот менаџмент на новата влада на Ципрас делува аматерски и неодговорно, јасно е дека пропагандната битка ја водат професионалци. Со изјави полни со контрадикторност и бројни погрешни соопштенија, Грција се надева дека ќе добие поддржувачи. Првиот аргумент беше дека Грција е преоптоварена со долгови, иако нивната отплата започнува дури во 2022 година. Каматите се премногу високи, велат тие, но тоа не е точно и тие се многу ниски. Тројката е виновна за страдањата на грчките пензионери- всушност вината лежи во претходните грчки влади кои можеле поинаку да го организираат буџетот.
Главниот виновник во грчкото страдание, кој во истовреме ја игра улогата на плашило е Германија, во комплет со споредбите со нацистите и сето останато ѓубре од политичкото дно. Но, министерот Шојбле не е сам. Поддршка му даваат и министрите од балтичките земји, како и оние од Ирска и Шпанија, земји кои преживеаја тешки кризи.
Она што Атина го бара, и притоа инсистира на терминот привремено- иако истото одбива да го прецизира- е финансирање на нејзиниот буџет од страна на еврозоната. Напросто така, без никакви услови, гаранции и рокови за отплата. Со други зборови, Атина живее со мотото: сѐ или ништо.

Кој се плаши од Грекзит?

А што следува по ништото? Можеби уште една рунда разговори в петок, но само доколку Грција учтиво праша и презентира конкретни предлози. Делува како Грците да играат руски рулет со иднината на нивната држава, инсистирајќи дека еврозоната е преплашена од можниот „Грекзит“ и прва ќе се предаде. Но, за тоа веројатно не се во право, затоа што заканата губи на сила пред лутината поради грчката политика.
Државниот банкрот, со сите свои последици е се поблиску. Во моментов не е јасно дали Атина ќе сврти во последен момент или ќе го пресмета факторот судир во својата камиказе стратегија. Прашањето е: кога Грците ќе сфатат каква игра нивната влада игра со нив?

Слични содржини