Груевски знаел за Платформата на ДУИ уште во 2015 од документ предложен од Владата

од desk2

Платформата на ДУИ за албанските прашања не е новост за претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, открива НОВАТВ користејќи се со официјалните документи објавени на страната на Владата. Не само што не е новост, туку од позиција на премиер Груевски во детали преговарал за точките од актуелната платформа која се наментна како средство за натпревар во наводна патриоштина од инволвираните страни во преговорите за влада, особено оние од власта. Владата на Груевски се согласила на нов сеопфатен закон за употреба на јазиците и тоа идентичен на оној од платформата. Но во тоа време почнуваат „бомбите“, земјата влегува во криза и овој документ останал да чека нов парламент и влада за да биде и официјално пуштен во процедура во Парламентот. Владата дури и препорачала во Буџетот да се превидат пари за преведувачи, промена на таблите на институциите, печатење на материјали што укажува на сериозноста со која тие планирале да го спроведат овој документ.

ahmeti-gruevski11-1

Сите услови кои лидерот на ДУИ,Али Ахмети, им ги поставува на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ,Никола Груевски, и на претседателот на СДСМ,Зоран Заев, за формирање на нова Влада, уште пред една година се договорени во официјален владин документ.

Од она што може да утврди од текстот во документот, не се работи за федерализација, кантонизација, поделба на државата, туку за услови поставени во Охридскиот рамковен договор, а потоа и во приоритетните реформи на Договорот од Пржино.

Она што го бара Ахмети и го претставува пред гласачите дека е црвената линија за правата на Албанците, како и патриотското „НЕ“ на Никола Груевски, всушност веќе постои во официјален документ изготвен и усвоен од владините комисии. Во продолжение НОВАТВ ви пренесува извадоци од владиниот документ кој е достапен на веб страната на владата на Секретаријатот за спроведување на Охридскиот договор. „Преглед на Охридскиот рамковен договор за социјалната кохезија“. (отворете секција документи за преземање, втор квадрат долу десно)

ПРЕПОРАКИ ОД АНАЛИЗАТА: ЦЕЛОСНО СПРОВЕДУВАЊЕ НА РАМКОВНИОТ ДОГОВОР

Во извештајот објавен на интернет сајтот на Секретаријатот за спроведување на Охридскиот договор, на 273 страници направена е детална анализа, донесени се заклучоци и дадени се препораки за целосна имплементација на Рамковниот договор.

При изготвувањето на документот насловен како „Преглед на Охридскиот договор за социјалната кохезија“ учествувале шест владини работни групи, под мониторинг на ОБСЕ и Европскиот институт за мир на Питер Фејт. А, потоа извештаите биле презентирани и дискутирани со невладините организации, академски институции и политички партии во текот на октомври и ноември 2015 година.

Целосниот извештај, пишува во документот, ќе биде доставен на Советот на министри за разгледување и одобрување.

Темите за кои се донесени заклучоци и насоки се: децентрализација, правична застапеност, употреба на јазиците, образование, недискриминација и заедниците со помалку од 20% во населението.

Тоа значи дека употребата на албанскиот јазик во државните институции јасно е дефинирана уште пред една година. Во делот на употребата на јазиците во документот меѓу другото пишува:

Препораки:

Целосно спроведување на Охридскиот рамковен договор и Уставот и признавање на јазикот како важен елемент на идентитетот и како средство за зајакнување на идентификацијата со државата и промоција на разбирањето меѓу заедниците.

Усвојување на нов сеопфатен закон за употреба на јазиците, а со тоа да се појасни значењето на Амандманот V до член 7 од Уставот.

Да им се дозволи на сите граѓани да се обраќаат на централните институции на македонски јазик и на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија, без оглед на нивното место на живеење, да се обезбеди превод на подзаконски акти на албански јазик, да се обезбеди автоматско издавање на лични документи на службените јазици за граѓаните од албанската заедница, да се дозволи претседавањето на собраниските седници на албански јазик, да се разјаснат одредбите за јазикот во Законот за локална самоуправа и да се опфати и градот Скопје, да се стандардизира употребата на службените јазици за сите јавни знаци, обезбедување на целосно спроведување и унапредување на јазичните права во судскиот сектор.

Слични содржини