Либералната партија го поздравува донесениот Закон за Специјален Јавен обвинител како и изгласувањето на г-ѓата Катица Јанева за Специјален јавен обвинител, што претставува сегмент од Транзицискиот период кој треба да заврши со парламентарните избори во април 2016 год.

LP-zname-web

Значајноста на постигнатиот договор е уште поголема имајќи ја во предвид започната кампања во јавноста од страна на ВМРО-ДПМНЕ и медиумите блиски до нив дека овој Закон е надвор од Уставот на Р. Македонија, дека го нарушува правниот поредок итн. Можеби во иднина би очекувале преставки до Уставниот суд за заштита на Законитоста, со цел да работата на Специјалниот јавен обвинител и неговиот тим би била доведена под сомнеж во јавноста. За одредени структури е полесно да се говори за сомнежите за работа на Специјалниот јавен обвинител, отколку да се решаваат проблемите, кои се превземени со обврските од Транзицискиот период. Како ќе се решат проблемите со Државната изборна комисија, изборниот модел и избирачкиот список треба да биде во главен фокус на периодот што следува.

За Либералната партија, принципот на владеење на правото претставува темелна вредност за враќање на довербата на граѓаните во државата. Не случајно со сведочењето на Слободан Богоевски пред њујоршкиот суд, за случајот Маѓар- Телеком, а кое е достапно во јавноста, како и неговата изјава за спремност да го повтори исказот пред македонските судови, уште повеќе не охрабрува да сметаме дека доаѓа период на расчистување со криминалните структури, кои беа и сеуште се дел од владеачките гарнитури од периодот на 24 годишната независност на Р. Македонија. На овој начин ќе им се помогне на сите политички партии да започнат процеси на расчистување со нивните криминогени структури, со што политичкото и општественото делување на партиите ќе биде ослободено од криминали, уцени и клиентелизам.

Секако дека меѓународниот фактор треба да биде не само посредник туку и активен во процесите за расчистување на криминалот и корупцијата, особено што дел од меѓународен фактор со случајот Маѓар телеком бил дел од коруптивните дејанија со повеќе Влади на Р. Македонија.

Исто така, не треба да го заборавиме фактот дека со извештајот на Комисијата раководена од Рајнхард Прибе, доделени се обврски без чие исполнување патот кон интегративните процеси ќе биде доведен во прашање.

Затоа Либералната партија смета дека периодот кој следува треба будно да се опсервира, не само од политичките партии, туку и од граѓанскиот и невладин сектор, со што понудата за подобрување на општественото живеење ќе биде сеопфатна и квалитетна за граѓаните на Р. Македонија.

Слични содржини