Мекдоналдс го дигна кварталниот профит на 1,2 милијарди долари

од Vladimir Zorba

Бизнис светот денеска.

 

Њујорк – Американскиот синџир за брза храна Мекдоналдс оствари поголем квартален профит поради подобрите деловни резултати на клучните пазари, како што се САД и Кина. Нето добивката на компанијата во кварталот, заклучно со 31 март, достигна 1,2 милијарди долари, што е зголемување за осум проценти во однос на истиот период лани.

Лондон – Новиот гасовод што ќе доставува гас од руските арктички полиња до Германија ќе го зголеми уделот на Русија на европскиот пазар на гас и покрај конкуренцијата од Катар и САД. Така ќе се намали и протокот на гас преку Украина, соопшти руската фирма Гаспром.

Онтарио – Канадскиот премиер Џастин Трудо вети дека ќе ги брани интересите на Канада откако САД воведоа царини на канадската дрвена граѓа. Тоа доведе до ескалација на трговските тензии меѓу двете земји и опаѓање на канадскиот долар на 14-месечен минимум.

Сеул – Компанијата Хјундаи Мотор соопшти дека во првиот квартал забележала опаѓање на профитот за повеќе од 20 отсто. Антикорејското расположение во Кина, поттикнато од распоредувањето на американскиот систем за противракетна одбрана ја забави продажбата на автомобили од корејски произведувачи на тој најголем авто-пазар.

Женева – Светската трговска организација му даде на Мексико „зелено светло“ за воведување 160 милиони долари вредни годишни трговски царини против САД. Царините се воведуваат во знак на освета поради американската дискриминација на туневината увезена од Мексико.

Атина – Грчките власти ги гонат работниците „на црно“ со оглед на тоа што од следниот месец во земјата почнува да се реализира пилот програма во чии рамки ќе се провруваат сите прекршувања поврзани со непријавена работа. Весникот „Етнос“ пишува дека претставници на повеќе ресорни министерства заеднички ќе проверуваат области во кои се претпоставува дека има најмногу „работа на црно“, како што се туризмот, рестораните, таверните, објектите за забава, баровите, трговијата и услугите.

Букурешт – Романските таксисти и возачите на други превозни средства, кои влегуваат во Конфедерацијата на овластени оператори и превозници во Романија (ЦОТАР) вчера и денеска одржуваат протести против „пиратеријата на пазарот на превозници“ на плоштадот „Викторија“ во Букурешт, пред зградата на романската Влада, јави ТАСС.  /МИА

Слични содржини