Министерот за медиуми Поповски се сретна со Прибе

од Vladimir Zorba

 

Министерот без ресор во Владата на Република Македонија, задолжен за комуникација, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, денеска имаше средба со експертската група предводена од Рајнхарт Прибе.

Прибе и експертите на неговата група на оваа средба изразија желба да ги слушнат мерките и планот на Владата во врска со медиумските реформи, кои, како што е познато, беа една од точките во првиот извештај на оваа комисија кој беше изготвен по препорака на Европската Комисија и кој имаше за цел да подготви насоки за излез од политичката криза во нашата земја, предизвикана од претходната власт.

Поповски, заблагодарувајки се на посетата и на работата на експертската група предводена од господинот Прибе, истакна дека укажувањата од извештајот од 2015 година, беа основата од која тргнаа дебатите и предлозите за реформи во медиумската сфера. Во тој период, СДСМ, како партија што сега ја предводи владата, се залагаше за целосна вклученост на претставниците на медумите и на медиумските експерти од сите граѓански организации чија дејност е медиумската сфера за да се постигне широк консензус за неопходните чекори кои ќе водат кон темелни реформи во оваа област.

Тој  ги информираше членовите на работната група на Рајнхард Прибе, дека со ребалансот на буџетот се обезбедија услови за укинување на радиодифузната такса, како прва мерка за поефикасно финансирање на Македонската радиотелевизија. Додека е во процес усвојувањето на ребалансот на буџетот во Собранието на Република Македонија, во тек е анализата за најдобро решение за утврдување на висината на стапката од буџетот со која ќе се обезбеди функционално работење на МРТ, како и независноста на јавното радиодифузно претпријатие.

Подготовката на овие измени се однесува и на работењето на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги (АВМУ), која е исто така во високите приоритети на медиумската реформа. МРТ и АВМУ се медиумските институции, за кои владата ќе создаде услови тие да се препознаваат и да функционираат како независни и непартизирани, укажа министерот Поповски.

Слободата на медиумите и независноста во работењето на новинарите беше прашање од особен интерес на  средбата со  Прибе. Министерот Поповски ги уверувал  членовите на работната група на Прибе дека оваа владина гарнитура целата своја енергија ќе ја усмери на обезбедување услови новинарите во целост да ги остваруваат нивните професионални задачи согласно принципите на Кодексот на новинарите и согласно начелата на саморегулацијата во медиуската сфера.

На укажувањето на господинот Прибе дека многу често проблемите не се во законите, туку во политичката волја за нивно имплементирање, министерот Поповски нагласи дека Владата на Република Македонија е целосно подготвена да создаде демократски амбиент кој на новинарите и на медиумите ќе им обезбеди услови за независно и достојно извршување на нивната професија.

 

 

Слични содржини