ММФ: Раст на БДП на Србија за оваа година од 3,0 отсто, додека за идната година се проценува раст од 3,5 отсто

од Vladimir Zorba

 Бизнис светот денеска


Вашингтон – ММФ ја потврди прогнозата за растот на БДП на Србија за оваа година од 3,0 отсто, додека за идната година проценува раст од 3,5 отсто. Институцијата, во текот на традиционалното пролетно заседание на ММФ и Светската банка во Вашингтон, ги објави најновите економски прогнози за цел свет во документот „Светските економски перпективи”. Во последниот документ од овој вид кој ММФ го објави во октомври 2016 година, се предвидуваше дека БДП во Србија во 2017 ќе расте по стапка од 2,8 отсто. Потоа во март, по техничката посета на Мисијата во Белград, ММФ ја зголеми прогнозата за раст на 3 отсто.

Вашингтон – Според податоците на Светска банка во БиХ околу 18 отсто од популацијата живее под критичната граница на сиромаштија. Системот за социјална помош не успева да одговори на нивните потреби.

Загреб – Хрватска дефинитивно го загуби спорот околу „Ина“. Со одлуката на швајцарски суд донесена на 12 април 2017, која на увид ја доби Н1, хрватското барање за одложување на спроведувањето на арбитражната пресуда е отфрлено. Во февруари адвокатски тим испрати барање со кое Владата сака да ја оспори одлуката на Арбитражниот суд кој пресуди во корист на унгарската МОЛ.

Ријад – Со нафта богатата Саудиска Арабија е принудена да ги откаже или преименува економските и инфраструктурните проекти во вредност од повеќе милијарди долари. Саудиската Влада им нареди на ресорните министерства да ги разгледаат проектите и некои да откажат, а да ги изберат само ефикасните. Ваквата мерка се презема поради штетата од која не можат да се опорават по ниските цени на нафтата. Многу проекти се планирани во случај цената на нафтата да биде околу 100 долари. Меѓутоа, бидејќи сегашната цена не е над 55 долари, тие проекти повеќе не се исплатливи.

Њујорк – Американската осигурителна компанија „Фиделити енд Гаранти Лајф“ (ФГЛ) го поништи договорот за интеграција со кинеската „Ангбанг Иншуранс Груп“ вредна 1,6 милијарди долари. – Утврдивме дека не е во најдобар интерес на акционерите на ФГЛ да ја продолжат трансакцијата со „Анбанг”, наведе генералниот директор на американската осигурителна куќа Крис Литфилд. ФГЛ порача дека се отворени за договор со некој друг, додавајќи дека „низа компании” изразиле заинтересираност, но дека биле спречени да склучат втор договор додека договорот со „Анбанг“ се уште „бил жив”.

Њујорк – Американскиот производител на авиони „Боинг“ ќе укине стотици работни места за инженери за цивилната авијација, поради намалената продажба, изјави портпаролот на компанијата Даг Алдер. Тој најави дека компанијата во рамки на своите постојани напори да ја зголеми конкурентноста и да инвестира во иднина, ги намалува трошоците со цел нивото на вработеноста да се поклопи со побарувачката на пазарот. Алдер рече дека намалувањето на бројот на вработените кое ќе вклучи и менаџери, ќе биде спроведено преку доброволни откази и во некои случаи и директни откази.

Вашингтон – Американскиот претседател Доналд Трамп има намера да ја измени наредбата за визниот режим со кој се овозможуваше доаѓање на висококвалификувани работници во САД. Работните дозволи за научници, инженери и програмери во рамки на визата Х-1Б oвозможија доаѓање на многу странски државјани во Силиконската долина. Трамп ќе потпише декрет во Кеноши во Висконсин со налог на министерствата за труд, економија и внатрешна безбедност, да предложат реформи за да се врати програмата Х-1Б на своите корени./МИА

Слични содржини