МВР: Едно лице приведено, фотографирани ливчиња, посериозни нарушувања нема

од desk2

Едно лице е приведено, а во три случаи се фотографирани гласачките ливчиња. Министерството за внатрешни работи сепак, не регистрирало посериозни нарушувања на денешното гласање од вториот круг од Локалните избори. За тоа како се одвива изборниот ден на прес конференција информираше портпаролот Тони Ангеловски.

Посочи на едно нарушување на јавниот ред и мир во Шуто Оризари каде едно лице пријавило дека е нападнато од повеќе лица. Полицијата, како што рече Ангеловски, излегла на терен, приведено е едно лице и се работи на расчистување на случајот.

Информираше дека се регистрирани три случаи на фотографирање гласачко ливче, нешто, како што рече, што се случуваше и во првиот круг од гласањето кога имаше 10 случаи на фотографирање на гласачко ливче.

Фотографирање на гласачко ливче денеска е регистрирано во Шуто Оризари во ОУ „26 Јули“, во Црниче и во Пробиштип.

МВР апелира да не се фотографираат гласачките ливчиња затоа што со тоа го кршат законот и ќе бидат санкционирани.

Ангеловски упати апел до политичките партии и нивните следбеници да се воздржат од било какви инциденти, а до граѓаните да пријават доколку забележат неправилности.

Слични содржини