Членовите на ДИК се именувани функционери и за нив не важи одредбата од Изборниот законик, на која се повикуваат за земените надоместоци, смета професорката Мирјана Најчевска, јави Телма. Во член 19, став 2 од Изборниот законик, се вели дека претседателот и членовите на изборните органи и изборната администрација имаат право на надоместок што се утврдува со акт на Државната изборна комисија.

Но, оваа одредба, вели, се однесува само на надоместоците на избирачките одбори и комисии кои не се професионално ангажирани и примаат надоместоци задади својот конкретен ангажман при одредени избори.

Именуваните функционери, вели Најчевска, земаат плата според Законот за плата и други надоместоци на пратениците и на другите избрани и именувани лица.

Најчевска вели дека и од владата лажат со тврдењето дека не можат да се мешаат во тоа како ДИК си го распределува буџетот, затоа што се независна институција.

Владиниот портпарол денеска посочи дека проблемот е ист како проблемот со патните трошоци на пратениците во Собранието на Република Македонија, но дека владата не може да им наложи да го изменат деловникот. Најчевска, пак, го цитира Законот за буџетите, во кој стои дека, со државните сметки управува Трезорот при Министерството за финансии, кој може да го запре извршувањето на одредени плаќања на буџетските корисници во случај на констатирани нарушувања на финансиската дисциплина, како и да изврши поврат на погрешно или повеќе уплатени приходи.

Инаку, членовите на ДИК, вчера, под притисок на јавноста, рекоа дека ќе ги вратат парите или ќе ги донираат. Информацијата за бонусите пред два дена ја објави амбасадорот на САД Џес Бејли.

Според правилникот што го изгласале на затворена седница во ноември, членовите на ДИК си доделиле бонус во висина од четири плати. Оваа пракса траела со години по ред, а само за 18 месеци земале 30 плати. Вчера изјавија дека не направиле ништо незаконско и дека парите кои ги заслужиле со тешката и стресна работа. Сметаат дека бонусите се оправдани и во согласност со Изборниот законик./Telma

Слични содржини