Ставот на Извршниот комитет на Народно движење за Македонија по повод актуелната политичка состојба околу контрадикторните одлуки за аболиција со кои се бранува јавноста во Република Македонија и надвор од неа, од страна на претседателот на Македонија, д-р Ѓорге Иванов, е следниот:

maxresdefault1-7-670x377

Претседателот на Македонија, д-р Ѓорге Иванов, на 12 април 2016 донесе одлука со која се извршува општ прекин на сите постапки меѓу политичарите и нивните соработници или поддржувачи, од спротивставените страни, или во јавноста попозната како одлука за аболиција.

Притоа, Иванов образложи дека носи одлука во интерес на државата и граѓаните, нејзината стабилност и независност, во насока на национално помирување, и дека е подготвен да ја брани оваа одлука секаде и пред секого.

По три дена, односно на 15 април, претседателот Иванов во обраќањето до нацијата го реафирмираше својот став дека одлуката за аболиција е исклучиво во интерес на државата и граѓаните, дека е свесен за одговорноста која ја презеде, и ја информираше јавноста дека останува на одлуката.

Со еден збор, според Иванов, во интерес на државата треба да има аболиција.

Меѓутоа, на 27 мај, претседателот Иванов донесе одлука за поништување на аболицијата.

Притоа, Иванов образложи дека во интерес на државата и граѓаните ниту еден политичар не е над законот, дека ниту еден политичар не е недопирлив и дека секој треба да одговара за своите постапки.

Македонија е школски пример за погрешниот пристап на ЕУ и НАТО

Сега пак, според Иванов, во интерес на државата не треба да има аболиција.

Значи, при иста реалност во земјата, претседателот не може да распознава што значи интерес на државата и носи две различни одлуки за иста фактичка и правна ситуација, што значи кршење на Уставот, со што, дополнително ја продлабочува тешката политичка криза во која е заглавена земјата.

Оттука, основано се појавува сомнежот дека постојат случаи кои влијаат врз душевната состојба и размислувањето на Ивнов да не може да ги сфати дејствијата кои ги презема како татко на нацијата.

Поточно, Иванов не може да распознае што е интерес на државата и граѓаните со аболицијата, бидејќи носи две различни одлуки за иста работа и притоа за двете одлуки вели дека се во интерес на државата и граѓаните.

А кога некое лице е под ваква состојба, да не речеме стресна, тоа е опасно за народот и државата, бидејќи се работи за претседател на државата кој ја претставува Републиката и е врховен командант на вооружените сили на Македонија.
За НДМ, како и македонскиот народ, ваквото однесување на Иванов предизвикува силна вознемиреност, бидејќи може да доведе до немерливи последици за земјата.

Затоа, Народно движење за Македонија, како партија која во основа се бори за одбрана на националните и државните интереси, ќе поднесе Иницијатива до Уставниот суд за поведување на постапка за испитување на постоење на околности поради кои претседателот Иванов не може да го сфати значењето на интересот на државата и граѓаните што може да влијае на неговата спреченост да ја врши функцијата.

Иницијативата се заснова на член 60 став 1 од Деловникот за работа на Уставниот суд, кој, во смисла на став 2 од истиот член е во обврска да ги испита наводите и фактите во Иницијативата на НДМ врз основа на акти, наоди, експертни и стручни мислења на медицински или други установи или органи, а во врска со член 82 став 2 од Уставот на Република Македонија.

 

Интегрален текст

Слични содржини