Нови 30 милиони евра за заборавените клучки на автопатот Кичево – Охрид

од desk3

Само за изградба на шесте „заборавени“ клучки на автопатот Кичево-Охрид ќе бидат потребни дополнителни 30 милиони евра, сума која не е предвидена во првичниот договор со кинеската компанија, велат упатените во надзорот.

Градежни експерти упатени во рaботите и надзорот околу автопатот, не можат да најдат оправдување за таквиот пропуст.

Вчера и министерот за транспорт и врски, Горан Сугарски, изрази изненадување од пропустот со клучките. Тој за проблемот со автопатот идната недела ќе има средба со кинеската амбасадорка, како што рече, „на нејзино барање“. Претходно амбасадорката се сретна и со премиерот Заев.

Колку ќе порасне цената на еден километар автопат од Кичево до Охрид и дали Македонија ќе ги добие најскапите 50 километри автопат? Одговорот на ова прашање треба да го даде ревизијата на целиот проект, на завршените фази и на преостанатите трошоци. Со тоа ќе се знае дали 30-те милиони евра за клучките влегуваат во првичната проценка на штетите од 100 милиони евра, или таа сума дополнително ќе расте? Агенцијата за патишта првично поцени дека тој проект би требало да чини околу 270 милиони евра, но владата на ВМРО-ДПМНЕ потпиша договор за изградба во вредност од 373 милиони евра. Со трошоците за покривање на грешките од проектот, сега конечната цена на автопатот може да достигне и до 500 милиони евра.

Ревизијата од Министерството за транспорт и врски ќе треба да утврди и колку од објектите што сега се наоѓаат на трасата на автопатот, „израснале“ таму веднаш по потпишувањето на договорот со кинеската компанија за изградба на автопатот, со цел да добијат обесштетување од државата заради нивна дислокација.

Со цел да превенира натамошни штетни договори, Владата на вчерашната седница поништи одлуки потпишани од претходната влада, непосредно пред конституирањето на новата.

 

 

 

Слични содржини