Плоча

од Vladimir Zorba

1.Како по обичај, и во врска со најновата македонско бугарска бурлеска наречена спомен плоча на Кајмакчалан, македонската јавност се држи со полуинформации, полувистини или невистини, дезинформации … Некој земал токмак и искршил некаква плоча, некаде.

Zlatko Teodosievski

И тоа да ти било казниво дело. Или не е? Или зависи од тоа кој ја кршел плочата, каде е таа плоча и за што била наменета? Исто како и за едно чудо други криминални дејанија низ државава чија што (правна?) разврска зависи од тоа за што и за кого се работи! (И пак оној шапшалон од Советот на обвинители ќе каже дека во судовите не се продавало боза?).

Нејсе, во најновиот случај испаѓа дека е битно што плочата ја кршел некојси козар, а плочата ја поставиле некои Бугари. Ако беа Срби, со нив ќе одеше и Хорхе и ќе чествуваше во став мирно?! Веројатно. Ама Бугарите ја поставиле плочата нелегално. Можеби, ама кога? Тој факт никој не го кажува: кога е поставена плочата на Кајмакчалан? Вчера, пред месец дена, пред колку години …? И како тоа во државава се шетаат луѓе кои поставуваат плочи каде сакаат и кога сакаат, а МВР за тоа чека информација од – Министерството за внатрешни работи? А можеби заради тоа десет години никој не ги апси бандитиве? Чекаат информации од МНР а помпезноно министерче, како и оние пред него, спие?

2.

Го читам и Геровски ама пак не ми се јасни некои работи. На пример, и јас мислев дека целава работа со бугарската плоча е шеговита, ама – не била. По сите основи, а особено што од страната на источниот сосед веќе се упатиле „ловци“ со нови плочи и со закани за одмазнички акции. Е сега, нашиве на граница фатиле една плоча што требала да ја замени старата – за која што се’ уште не знаеме кој и кога ја поставил – ама појма немаат дали таа е единствена односно уште колку такви плочи поминале во автомобили што не биле прегледани. И сега кон Кајмакчалан се упатени неколку Бугарски експедиции со неколку плочи, па кој стаса до горе ќе ја постави. Додека нашево МВР спие, се разбира, или чека понови информации од МНР! (А зарем бугарското МНР го информира нашево МНР за тоа кои луѓе и со колку плочи тргнале накај Македонија?).

Но интересно е и прашањето што го отвориле пријателите на Геровски („интелигентни и разумни луѓе“, вели Геровски), она од легалистички аспект: „ Тие велат дека споменикот на Кајмакчалан е поставен нелегално, без дозвола од македонските власти и без почитување на процедурата, што е сосема точно“.

Овој „легалистички“ аспект како оправдување за „кукавичкиот пир на Миленко“, преведено на нормален секојдневен јазик сака да каже дека тој, некој Миленко, имал право да го искрши споменикот!(?). Што пак ме носи кај другите споменици од тоа време, српските на пример, на истата локација, онаа каде што Хорхе и Николиќ се поклонуваа, па Зебрњак и уште едно чудо други споменици од тоа време. Односно, дали тој некојси Миленко, според легалистичката логика, има право утре да земе три токмака и да испокрши се’ што нема да му се допадне по планините и долините, а за кои што се знае дека немаат дозвола од „македонските власти“? Логиката вели – да. А МВР и тогаш ќе чека информации од МНР, кое изгледа е задолжено да ги врши работите и околу криминалните дела сврзани со странските споменици во Македонија.

(Иако, признавам, прилично тенко ми звучи ставот дека тие немале „дозвола од македонските власти“. Од кои тоа македонски власти, во 1913 или 1914 или 1915 … година? Тоа ми доаѓа слично натегнато како тезата на г-дин Мухиќ дека Мајка Тереза не била родена во Македонија, односно Скопје, туку во Отоманската империја односно Ушкуп, зашто тогаш не постоела македонска држава! Ама тој истиот г-дин да ти бил роден во Босна, во 1943 година, иако таа била во состав на НДХ!!!).

3.

Но, да бидам искрен апсолутно не ме интересираат ни српските ни бугарските споменици, особено не од тоа време. Ама ме интересира таа логика што дозволува земање на правдата во лични раце!

Па, следствено, што ако веќе утре се појави некој Зоран, или Трпе, опремен со пнеуматски чекани, со хилти, а може и багери, и им се пушти на оние самонаречени спомен обележја односно споменици низ централното градско подрачје. Следејќи ја легалистичката логика, тој чин би бил целосно легален зашто тие чуда распоредени низ градов се апсолутно нелегални и на тоа било укажувано многу пати! Згора на се’, бандитиве не би можеле да го обвинат Заев за таква работа зашто човекот јавно кажа дека нема намера да зема чекан во раце. Што не ги спречува другите во такви (легалистички) дејанија, нели?

Златко Теодосиевски

извор: Теодосиевски уметност

Слични содржини