На денешен ден 24 јуличенто

1567.- Незадоволното благородништво ја принуди да абдицира шкотската кралица Марија Стјуарт поради нејзиниот обид да ја наметне римокатоличката политика во протестантска Шкотска.

1704.- Британските сили под команда на адмиралот Џорџ Рук го одзедоа Гибралтар од Шпанците.

1783.- Во Каракас, Венецуела, е роден Симон Боливар, јужноамерикански револуционер и национален водач. Раководеше со борбите за независност на шпанските колонии и нивното национално оформување. Ги ослободи Венецуела, Еквадор, Панама и Перу. Умре на 17 декември 1830 година.

1799.- Француските трупи на генералот Наполеон Бонапарта ги победија Турците (всушност египетските единици) кај Абукир во Египет.

1802.- Во Вила Котере е роден Александар Дима – таткото, француски писател. Автор е на авантуристички романи, меѓу кои најпознати се „Тројцата мускетари“ , „Гроф Монте Кристо“, „Црното лале“ и „Краличиниот ѓердан“. Умре во 1870 година.

1824.- Резултати од првото испитување на јавното мислење во светот се објавени во американската држава Делавер во очи на претседателските избори во САД.

1828.- Во Саратов е роден Николај Гаврилович Чернишевски, руски книжевен критичар, писател, филозоф и револуционер. Поради пропагирањето идеи на селската револуција и утопистичкиот социјализам беше осуден на прогонство во Сибир. Умре во Саратов, на 29 октомври 1889 година.

1883.- Во обид да ги преплива брзаците на реката над Нијагарините водопади се удави Метји Веб, кој во 1875 година прв го преплива каналот Ла Манш.

1908.- Турција е прогласена за уставна монархија. Овој датум се зема како Ден на победата на Младотурската револуција.

1923.- Грција, Турција и сојузничките сили во Првата светска војна ја потпишаа Лозанската декларација, врз основа на која е извршено принудно иселување на христијанското население од Турција во Грција и на муслиманското население од Грција во Турција, со што во голема мера е изменет националниот состав на Егејска Македонија.

1943.- Сојузничкото воздухопловство во Втората светска војна ја почна операцијата „Гомора“, концентрирано тешко бомбардирање на германскиот пристаништен град Хамбург.

1946.- Во Пацификот, во близина на островот Бакини, САД ја извршија првата подводна атомска експлозија.

1957.- Во Прилеп умре Методија Андонов – Ченто, македонски револуционер и државник, прв претседател на Иницијативниот одбор за свикување на Првото заседание на АСНОМ и борец за правата и слободата на македонскиот народ, за вистината на Македонија. Во 1946 година со пресуда на Окружниот суд во Скопје, е осуден според Законот за кривични дела против народот и државата и тоа со лишување од слобода 11 години. Умре како маченик, а е рехабилитиран во октомври 1990 година. Роден е во Прилеп, на 17 август 1902 година.

1967.- Францускиот претседател Шарл де Гол во Монтреал го заврши говорот со зборовите „Да живее слободен Квебек“ (канадска покраина со француско етничко мнозинство, некогаш француска колонија), предизвикувајќи скандал во канадската јавност и жесток протест од страна на премиерот Лестер Пирсон. Поради тоа шефот на француската држава беше принуден да ја скрати посетата на Канада.

1974.- Умре англискиот физичар Џејмс Чедвик, добитник на Нобеловата награда за физика во 1935 година, кој три години претходно го откри неутронот. Во Втората светска војна во Лос Аламос, САД, тој беше главен британски инструктор на проектот за развој на атомска бомба.

1976.- Американскиот вселенски брод „Викинг 1“ се спушти на Марс со што почна истражувањето на можноста за живот на оваа планета.

1980.- Умре англискиот филмски актер Питер Селерс, исклучителен комичар. Филмови: „Д-р Стренџлав“, „Лолита“, „Пукот во темница“, „Затвореникот Зенде“, „Добредојдовте господине Ченс“.

1991.- Умре еврејскиот писател Исак Башевис Сингер, добитник на Нобеловата награда за литература во 1978 година. Неговите дела се инспирирани од традицијата и фоклорот на Евреите во Источна Европа, особено во родната Полска, каде што живееше до преселувањето во САД во 1935 година. Негови познати дела се „Изгубен во Америка“, „Непријатели“, „Љубовна приказна“, „Москатови“, „Стара љубов“ и други.

1992.- Во Скопје, во издание на Министерството за народна одбрана на Република Македонија е промовиран првиот број на списанието „Одбрана“.

2005.- Умре британскиот научник Ричард Дол, кој прв ја утврди врската помеѓу тутунот и ракот на белите дробови, како и помеѓу алкохолот и ракот на дојките. Исто така го откри и позитивното дејство на аспиринот во лечење на срцевите заболувања.

2005.- Американецот Ленс Армстронг седумпати по ред триумфираше на најголемата светска велосипедска трка – Тур де Франс завршувајќи ја својата кариера со подвиг за кој се чини дека тешко ќе биде повторен./МИА

Слични содржини