Роден е Горан Стефановски, македонски драмски писател..

од Vladimir Zorba

На денешен ден 27 април

1791.- Роден е Самјуел Морзе, американски физичар и сликар. Во 1837 година го открил телеграфот. Умрел во 1872 година.

1830.- Јужноамериканскиот револуционер Симон Боливар, обвинет за диктаторски амбиции, поднесол оставка на функцијата претседател на Колумбија.

1905.- Кај месноста Свиланово, во близина на селото Рајчани, Кочанско, во борба против османлиската војска загинал Никола Карев, македонски револуционер, социјалист, организатор и претседател на Крушевската Република од 1903 година. Роден бил во Крушево, во 1877 година.

1915.- Умрел Александар Николаевич Скрјабин, руски композитор и пијанист, предвесник на експресионизмот. Во последната фаза од неговото творештво се чувствувала мистичната концепција („Божествена поема“, „Прометеј“). Компонирал оркестарски композиции, прелудиуми за клавир, сонати и друго. Роден е на 6 јануари 1872 година.

1922.- Роден е Тале Огненовски, македонски музичар и композитор, најпознат како кларинетист, но свирел и на гајда, зурла и тапан. Бил еден од најзначајните ликови во македонската народна музика. Македонските ора на Огненовски се изведувани во Швајцарија, Франција, Шведска, Финска, Велика Британија, Данска и Австрија. Со ансамблот „Танец“ настапувал на најпознатите концертни сцени во Северна Америка и во Европа со фантастичен успех. Тале Огненовски има компонирано и аранжирано 150 македонски ора, џез-композиции, еден класичен концерт итн. Починал на 19 јуни 2012 година.

1945.- Италијанските партизани го фатиле злогласниот Бенито Мусолини, кој се обидел да побегне од земјата. Набрзо, потоа, како еден од виновниците за Втората светска војна и за безбројните злосторства, бил стрелан (28 април 1945 година).

1952.- Роден е Горан Стефановски, македонски драмски писател. Работел во драмската редакција на Телевизија Скопје, а потоа како асистент на скопскиот Филолошки факултет. Од 1986 година бил професор по драматургија на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Живее и работи во Лондон. За своите дела е носите на наградите „Стале Попов“, „11 Октомври“, „Стериина награда“ (двапати), „Војдан Чернодрински“ (шестпати) и други. Најзначајни дела: „Диво месо“, „Лет во место“, „Хај-Фај“, „Дупло дно“, Тетовирани души“, „Црна дупка“, „Демонот од Дебар Маало“.

1956.- Американскиот боксер во тешка категорија со италијанско потекло Роки Марчано се повлекол од рингот како непоразен светски боксерски шампион.

1960.- Прогласена била независноста на африканската држава Того, поранешна француска колонија.

1961.- Прогласена била независноста на Сиера Леоне, поранешна британска колонија во Африка.

1983.- Во Скопје умре Кирил Миљовски, македонски револуционер, академик, општественик и прв ректор на Универзитетот во Скопје. Роден е во Ресен, на 27 мај 1912 година.

1992.- Понеделник, вториот ден на православниот празник Велигден, првпат бил прогласен за неработен ден во Република Македонија.

1993.- Еритреја стекнала независност од Етиопија по три децении граѓанска војна и референдум на кој Еритрејците гласале за независност.

1993.- Претставници на Кина и Тајван, за првпат од 1949 година, се сретнале во Сингапур.

1995.- Во Скопје умрел Цветко Мартиновски, македонски писател, преведувач и новинар. Негови најпознати книги раскази се „Луњинци“, „Квечерини и разденувања“ и „Пријатели“. Роден бил во Скопје, на 25 март 1930 година.

2012.- Во својот дом во Скопје, ненадејно починала македонската писателка Светлана Христова Јоциќ. Работела како новинар на Радио Скопје. Во Друштвото на писателите на Македонија членувала и дејствувала повеќе од четири децении, како секретар, претседателка на Друштвото, претседателка на Советот, главна уредничка на ревијата „Стожер“. Ја втемелила Меѓународната манифестација „Македонски духовни конаци“. Авторка е на повеќе од 20 книги и добитничка на наградите „Браќа Миладиновци“, „Ванчо Николески“, „Димитар Митрев“ и „Книжевен жезол“. Светлана Христова Јоциќ била родена на 27 февруари 1941 година во Ресен.

2014.- Починал познатиот португалски поет, раскажувач, есеист, драматург, хроничар и преведувач Васко Граса Моура, добитник на наградата „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата во 2004 година. Како поет Моура се прославил со книгата „Модус што се менува“, по која следувале, меѓу останатите, и:„Англиска седмица“, „Декември и други песни“, „Рецитативи“, „Инструменти за меланхолијата“, „Концерт во поле“, „Семејни сонети“, „Песни со личност“, „Тестамент на вгм“… Васко Граса Моура превел и голем број светски автори, меѓу кои Шекспир, Рилке, Гарсија Лорка, Данте Алигиери… За преводот на „Божествената комедија“ ја добил наградата „Песоа“ во 1995 година. Моура бил роден во Порто на 3 јануари 1942 година./MIA

Слични содржини