МНР на РФ официјално изјави дека на преговорите во Лозана меѓу Иран и „шестката“ (постојаните членови на СБ на ООН плус Германија) „успеале да ја усогласуваат рамката за конечно разрешување на ситуацијата за иранската нуклеарна програма (ИУП)“. Во Москва сметаат дека компромисот претставува триумф на политичко-дипломатскиот приод кон решавањето на меѓународните проблеми, за кои РФ секогаш се заложувала. Всушност, експертите сметаат дека најголема полза од компромисот нема да добие Русија, ами ЕУ.

Русија и Иран остануваат пријатели, но нема да станат сојузници

Во руското МНР забележуваат дека следните чекори што ќе ги преземаат страните ќе се засновуваат на принципите на етапност и взаемност, кои своевремено беа предложени од страна на министерот за надворешни работи Сергеј Лавров. Во Москва сметаат дека по достигнувањето на спогодбата на ИУП, Иран ќе може поактивно да учествува во решавањето на регионалните проблеми и конфликти.
Меѓу другото, руските експерти различно ја оценуваат иднината на руско-иранските односи по симнувањето на санкциите.
Експертот од Институтот за прогнозирање и разрешување на политичките конфликти Александар Кузнецов во интервју за „Руска реч на македонски“ забележа дека „склучената спогодба за ИУП нема да влијае на меѓународниот имиџ на Русија, со оглед на тоа дека во последниве години Иранците најмногу преговараа со САД, а Русија, иако беше дел од „шестката“, се занимаваше со решавање на други проблеми“.
Впрочем, според него, мислењата дека сега ќе следува зближување на САД и Иран се избрзани. „Иако Обама е заинтересиран за обновување на односите со Иран, неговата администрација спроведува политика на ограничување на иранската експанзија“, изјави Кузнецов.
„Американците се откажаа од поддршка за иранската заложба за борба со ИДИЛ. Во Сирија повторно се засилува отпорот кон режимот и поддршката на Западот за вооружената опозиција. Вашингтон ги поддржа акциите на КСА во однос на Јемен“, појасни експертот.

Заедно со тоа Кузнецов не очекува ниту бурен развој на руско-иранските односи по потпишувањето на спогодбата со „шестката“. Политичка соработка помеѓу Русија и Иран и сега постои. Во Москва постојано се појавуваат високи службеници од Иран. РФ дава воено-техничка поддршка во Ирак. Земјите соработуваат во давањето помош на Башар ал Асад. Сепак, избрзано е да се зборува за стратешко партнерство. Иранската страна има поводи да биде незадоволна. На пример, Иран се стреми да влезе во ШОС, а Русија не му помага многу, со оглед на тоа дека Казахстан и Кина се против тоа“.
Најголема дивиденда ќе добие ЕУ
За билатералната соработка во економската сфера исто така постојат фактори на воздржување. „Русија не го искористи периодот на санкциите за да се зближи со Иран, а сега можноста е многу помала поради конкуренцијата од страна на ЕУ и на Кина. Ќе им бидеме потребни само во некои области – мирниот атом, железницата, електричната енергија. Најмногу од спогодбата ќе добие ЕУ“.
Доколку санкциите за Иран бидат симнати, Русија ќе треба да конкурира во Иран со западните земји, а Иран, пак, ќе добие ‘пошироко поле за маневар’, изјави за Газета.ру првиот човек на Советот за надворешна и одбранбена политика Фјодор Лукјанов.
Со оваа позиција се согласува и водечкиот експерт на Институтот за светска економија и меѓународни односи при Руската академија на науките Алексеј Арбатов: „Економската соработка ќе може да се прошири, но додека во продажбата на оружјето можеме да добиеме, за другите прашања Иран, проширувајќи ги своите врски, може секогаш да се обрати на Јапонија и на САД“.
Пооптимистички е расположен шефот на одделението за Кавказ при институтот на земјите од ЗНД Владимир Евсеев. Тој за „Руска реч на македонски“ изјави дека за Русија сега се отвора прозорец во односите со Техеран, со оглед на тоа дека санкциите за Иран нема да бидат скоро симнати. „Наесен може да започне изградба на уште еден енергетски блок во Бушер. Постои предлог од иранската страна за модернизација на железницата. На прагот сме на проширување на воената соработка. Можна е испорака на техника за ВМС, ВВС, а исто така и модернизација на ПВО, ќе се организираат заеднички маневри, обука на воениот состав“, вели експертот./Руска реч

Слични содржини