СДСМ и коалициските партнери нема да учествуваат на еднострано закажните избори на 24 април. Такви избори без учество на опозицијата нема да се одржат, изјави денеска на прес-конференција лидерот на СДСМ Зоран Заев.

заевв

– Основниот елементарен демократски принцип е еден човек еден глас. Не фантомски гласачи, туку вистински. Не фантомска волја, туку слободна изразена волја на граѓаните. Без почитување на овој принцип нарушена е суштинската смисла на демократијата на која се поставени темелите на современа Република Македонија, изјави Заев и подвлече дека без прочистен Избирачки список и слободни медиуми не се можни фер и демократски избори.

Одговарајќи на новинарско прашање дали во Македонија е можно одржување избори без учество на опозицијата рече дека тоа не е можно.

– Избори нема да има на 24 април. СДСМ е доволно силен и моќен да не биде само нем набљудувач на еднострани одлуки на владејачките партии. За да има избори мора да има избор. Не мислам дека постои ниту мала можност за тоа. Фер, демократски и регуларни избори се императивот на договорот од Пржино. Изборите ние ги баравме, рече Заев.

Запрашан дали е сепак можно да се одржат избори доколку се постигне прочистување на Избирачкиот список и регулација на медиумите, лидерот на СДСМ дециден дека ДИК е таа која може да го одреди датумот за изборите откако ќе го заврши прочистувањето на Избирачкиот список, како и регулација на медиумите. Според него, согласно законските одредби потребни се најмалку 85 до 90 дена за да се завршат сите подготовки за нивно одржување вклучувајќи и теренско прочистување на Избирачкиот список.

– До 5 март како што е по закон, а тоа е 50 дена пред денот на изборите, има 37 дена. Ако се стигне до 15 април плус 50 дена, 5 јуни би можел да биде проектиран датум за избори. Ако се стигне до 15 мај, 5 јули би можел да биде првиот проектиран датум за избори. Колку и да навлегуваме во аргументите, конечно ако сакаме враќање на демократските институции во државата  треба да престанат и Заев и Груевски и кој било политичар да лицитира со датумот на изборите. Постои методологија, постои закон. ДИК е таа која првпат има тројца независни експерти и токму таа треба да каже точен термин кога ќе го заврши прочистувањето на Избирачкиот список и согласно на тоа можеме да седнеме и да го проектираме датумот за избори односно ДИК да го проектира датумот за избори , рече лидеротна СДСМ Зоран Заев.

Тој ги оцени само како шпекулации коментарите во јавноста дека во однос на политичката криза му се гледа низ прсти на актуелното политичко раководство во делот на исполнувањето на нивните обврски од договорот во Пржино, за сметка на тоа, Македонија од земја низ која поминуваат бегалци да стане земја во која ќе се организираат постојани кампови за бегалците и каде би останувале подолго време.

– Ваквите информации се само шпекулации затоа што секој упатен човек дома па и меѓународната заедница, пред се Европската унија чиј партнер сме во справувањето со оваа бегалска криза добро се упатени и добро знаат дека само стабилна земја Република Македонија може да биде добар партнер во заедничкото справување со кризата. Стабилна Република Македонија пак може да се случи само со СДСМ и промена на оваа власт која што мора да замине во заборав. Инкриминирана до тој степен власт не може да гарантира никому стабилност дури и на нивните членови во ВМРО-ДПМНЕ, а не на добро упатената меѓународна заедница. Апсолутно сето она што Македонија треба во рамките на своите капацитети и можности во координација со ЕУ да го постигне држејќи се за фактот на солидарноста за сите овие бегалци кои транзитираат низ Македонија. Секое семејство во Макеоднија да прими по десет бегалци не е решение за кризата, а камоли да се градат кампови и слично во земјава. Овие луѓе транзитираат низ Македонија и нивна крајна цел се западноевропските земји, рече Заев

Слични содржини