Централниот одбор на СДСМ синоќа донесе едногласна одлука дека партијата нема да учествува на избори доколку тие се одржат на 24 април. Според нив, фер и регуларни избори се императив за државата, а тоа може да се случи само со навремено прочистување на Избирачкиот список и навремена регулација на медиумите, истакна лидерот на СДСМ Зоран Заев. Тие сепак даваат шанса за корекција, и можност Груевски и Ахмети да го сменат датумот, повлечат одлуките  ако сакаат сите да учествуваат  на фер кредибилни и веродостојни избори

zaev3
Опозицијата вели дека дава шанса до пред распуштањето на Парламентот да се корегираат одлуките за датумот на изборите, за да може да се исполнат условите за фер избори. Дотогаш, во составот на Владата остануваат и министрите од редовите на СДСМ, а доколку не се промени датумот за изборите, партијата дополнително ќе одлучува за понатамошните активности.


-Заклучоците кои ги донесовме на Централниот одбор после дебатата се следните: фер, регуларни и демократски избори за Македонија се императив, а не датумот за изборите. На Македонија не и требаат уште едни нерегуларни избори. Затоа, менувањето на датумот на изборите не е желба на опозицијата, туку потреба за целосна реализација на Договорот од Пржино. Квалитетна и кредибилна проверка на избирачкиот список не може да се направи за 40 дена, а без кредибилен и веродостоен избирачки список нема регуларни избори. Нема фер и демократски избори без регулација на медиумите и создавање фер медиумски простор за сите политички партии со навремен ефект пред изборите, рече Заев.

Опозицискиот лидер вели дека партијата била исправена пред одлука со 2 опции, да ги напушти државните институции или да ја даде шансата да се корегира одлуката за датумот на изборите.

-Остануваме посветени, Договорот од Пржино да се исполни во целост, ние нема да бидеме причина за кршење на Договорот. До пред распуштањето на Парламентот даваме шанса да се корегираат одлуките за датумот на изборите, за да може да се исполнат условите за фер, демократски и регуларни избори, рече Заев.

Во однос на денешното соопштение на амбасадорот на САД, Џес Бејли кој ги повика сите партии да учествуваат на избори Заев рече дека порака што е пренесена е јасна, дека освен СДСМ и многу други партии најавиле бојкот, а без учество на сите партии не може да се организираат избори.

 

Официјален став за изборите се’ уште нема ДПА, која во Собранието гласаше воздржано за сите одлуки поврзани со изборите на 24 априлалбанци

Покрај СДСМ, предвремените парламентарни избори закажани за 24 април ќе ги бојкотираат и повеќето вонпарламентарни партии на Албанците во земјата. Зијадин Села со Движењето за реформи на ДПА, НДП, Беса и Унитети се едногласни во ставот дека не се создадени услови за фер и демократски избори и сметаат дека евентуалното одржување на овие избори нема да доведе до решение на повеќемесечната политичка криза. Во ДУИ одбиваат да го коментираат ставот на повеќето помали партии на Албанците, а молчат и во ДПА, од каде засега официјално не дале поддршка на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ, бидејќи за сите одлуки гласаа воздржано.

Слични содржини