Ставрески со својата оставка „од здравствени причини“ успеа атрактивно да ги претрка мега-опортунистите во апаратот на Груевски, какви што се Пешевски или Јолевски, на пример. Вистинска политичка одмазда на Ставре кон „Хипо“, со мајсторски дриблинг во последната минута од продолженијата на натпреварот на тимот на Груевски, против тимот Македонија!

ordanoski ordanovski

Така ви е тоа: по првото вшетување на Груевски во суд во својство на осомничен за тешки кривични дела, почнаа разделбите околу него. Користам прилика јавно да му се заблагодарам на бившиот министер за финансии Зоран Ставрески за неговиот оригинален придонес во демонтажата на режимот на г. Груевски. Имено, неговите телефонски разговори со Гордана Јанкуловска остануваат како едно од најсериозните историски сведоштва за природата и општеството на овој режим, не само заради изречените антологиски оценки за тоа каде отиде Македонија на економски и финансиски план за време на неговото управување со јавните пари, туку и заради непроценливата aудио-оставина за расветлувањето на антрополошките односи во Фамилијата и нејзините кадровски и политичкии орбити.

ЕКОНОМИЈАТА КАКО ПОДВИЖНА МЕТА

Токму тие разговори се причината што за Ставрески во македонската јавност постои одредено сожалување, па дури и симпатија заради потрошениот талент – демек, тој е голем познавач на економијата и финансиите, одличен макроекономист со отворени врати низ светските банкарски и финансиски институции, ама опкружен со амбициите за потрошувачка на лудаците – патем, во прислушуваните разговори Ставрески, коректно, цело време во прво лице множина говори „ние сме лудаци“ и „ние сме ненормални“ – правел што можел… Луѓето забораваат дека токму Ставрески е еден од најсилните столбови на идеолошкото и политичкото лудило на Груевски, буџетскиот „фасадер“ на режимот, „чадорот“ на сите криминали на Фамилијата, крутиот сметководител со студена глава во чии „црни тефтери“ ќе најдете сé што недостасува во тефтерите на Јанкуловска.

Според сите објективни параметри, со импресивни десет години зад себе, тој е еден од послабите министри за финансии во независна Македонија. Во својата оставка тој вели дека, за време на неговиот мандат, била „сериозно намалена невработеноста“ – единствен сериозен статистички податок, за време на неговиот мандат, што уште го очекуваме е оној за иселувањето на македонските граѓани од државата, па не е јасно како со таков масовен одлив на невработени се постигнаа така слаби резултати во сферата на намалувањето на невработеноста?! Потоа Ставрески вели дека е заслужен за „значително подобрување на бизнис климата“ – кхххх-ха-ха-ха-ха, тоа ти е кога ќе создадеш атмосфера околу тебе никој сериозен да не може да ти зуцне, а по свадби и приватни забави се дружиш само со два-тројца тајкуни на Фамилијата и со едно другарче од Светска банка! Па додава дека се забележени „високи растови на економијата и извозот“ – уште погласно кхххх-ха-ха-ха-ха, бидејќи за десет години, со сите статистички фалсификати и произволности, Македонија не успеа да мрдне од прагот на еден, најблаго речено, анемичен економски раст (делува како лична навреда да го упатите Ставрески да ги спореди годините на неговите економски растови со годините на растот на економијата за време на владеењето на СДСМ), а за растот на увозот и за структурата на извозот не вреди ни да се зборува. Без срам и перде, Ставрески како успех си го припишува и „носењето на многу инвеститори“ – во земјата Македонија која е на апсолутното европско дно на сите дна, и релативно споредено и во апсолутни цифри изразено, на привлекувањето на странски инвестиции; освен ако под „носењето на многу инвеститори“ Ставрески не мисли на нивните туристичко-гастрономски прошетки низ земјава, со такви манекенски легенди како Субрата Рој и слични, од кои некои маестрално помогнаа во перењето на парите на Фамилијата украдени од Буџетот, кој беше во надлежност – види чудо – токму на Ставрески.

Да не заборавиме, тој е министерот кој НИТУ ЕДНАШ на почетокот на годината не го погоди еконосмкиот раст на крајот од годината (надолните тврдоглави промашувања на македонската економска „подвижна мета“ не беа 0,1 или 0,2 насто, туку во неколку цели процентни поени!); во неговиот мандат речиси и да нема година без еден или два ребаланси на Буџетот; а за милијардите со кои ја задолжи Македонија и ја прокоцка в неврат ниската државна задолженост со која го почна својот мандат, ќе раскажуваат и наредните неколку генерации Македонци кои ќе треба да ги враќаат долговите.

Еднаш веќе пишував дека, така, и баба ми би била успешен министер за финансии – што вика еден од патриотските-„преварантски“ ликови во антологискиот филм „Балкан експрес“ (1983), „Само такви какви што сте вие можат да палат полн магацин!“.

НАТПРОСЕЧНО ПРОСЕЧЕН

За политичките аспекти од неговото владеење – во што спаѓа кумовскиот однос кон организираниот криминал во државата; соучесништвото во тоталната партизација на „експлодираната“ државна администрација; третирањето на сите клучни податоци од областа на финансиите како државна тајна; скандалот со употребата на специјалната полиција за тепање опозициони пратеници за време на усвојувањето на Буџетот во декември 2012 година (нема портретист што деновиве не му го спомнува рачето со кое ги „метеше“ пратениците додека полицајците ги влечеа по подот на собраниската пленарна сала); како и за неговото лично богатење – тој ќе биде тема за анализа и во годините што доаѓаат. Тие анализи ќе се направат.

Сé на сé, се испостави дека Ставрески е еден прилично просечен економист со натпросечна арогантност, чија политичка „тежина“ може да се мери само со дрскоста со која се однесуваше кон подредените, кон новинарите и кон македонската стручна и општа јавност. За десет години власт, тој ниту еднаш не се појави на сериозна дебата за Нутела-политиките („трошиме за чоколади, а немаме ни за леб“) во чие кроење и спроведување беше клучната режимска „навртка и завртка“. Како обичен политички калкулант го одмолче и фактот што бил ставен на листата за прислушување лично од кумашинот Груевски. Тој веројатно се надева дека, можеби, ќе поправи нешто од своето економско и политичко наследство ако, придружуван од своите тефтери, се појави како еден од главните сведоци во процесите кои ги покренува СЈО против организираниот криминал во Македонија. Но, јас повеќе би прогнозирал дека Ставрески наскоро ќе ја напушти земјата и, после оваа недела анализи и негови портрети по медиумите, ќе се потруди името што побрзо да му се заборави. Па, доколку навистина е сериозно болен – за што искрено се надевам дека е само уште една политичка манипулација како долгогодишните манипулации за економскиот раст на Македонија – да не мислите дека тој е луд да остане да се лечи во македонскиот здравствен систем граден од тандемот Груевски/Тодоров?! Камон!

Затоа и велам дека, на крајот, зад Ставрески ќе остане содржината на телефонските прислушувани разговори со Јанкуловска, во кои, „опетовано“, вели дека (тие, од власта) се „лудаци“ и дека тоа што го прават (тие, од власта) во економијата на државата е „ненормално“. Тоа, и ништо друго, ќе го следи додека е жив. А, сé можеше да тргне различно оној ден, по објавувањето на снимките, кога излезе на прес-конференција, па наместо да ја продлабочи апологијата и слепата лојалноост кон режимот, да ја свирнеше тогаш својата оставка и да ни приштедеше уште една цела година трауми со овие лудаци.

ДРОБЕНО-СРКАНО

Сепак, и таквиот Ставрески со својата многу задоцнета оставка „од здравствени причини“ успеа ефектно да ги претрка мега-опортунистите во апаратот на Груевски, какви што се Пешевски или Јолевски, на пример. Вистинска политичка одмазда на Ставре кон „Хипо“, со мајсторски дриблинг во последната минута од продолженијата на натпреварот на тимот на Груевски, против тимот Македонија! Не ја исклучувам можноста дури и откако судијата ќе отсвири крај на натпреварот, Пешевски или Јолевски да останат симулантски да се превиткуваат некаде на теренот, барајќи лекарска помош, иако сите ќе бидат заминати во соблекувалните или по дома. Брее, какви неопеани политички мивки – може да се случи Грујо да замине и во притвор, а овие уште послушно ќе седат во кабинетите на неговата политика! Го разбирам Тодоров – се подготвува да го наследи Грујо во партијата; го разбирам и Поповски – се подготвува, ако „извиси“ Тодоров, да го наследи Грујо во партијата; но, за што се подготвува Јолевски, побогу?! И тој ли ќе ни вели, кога сето ова ќе заврши, дека „без него ќе било уште полошо“? Па, кај нас секое полошо е подобро, ако го забрза падот на режимот. Или тој навистина верува дека е таму да спречи АРМ да ја превземе власта во државата?!? Тие не би можеле ни водата да ја погодат ако паднат од чамец, а не пак да му асистираат на Грујо за насилно останување на власт. И џабе прикаските што веројатно самите ги шират дека и Јолевски и Пешевски неколку пати веќе биле решени да си заминат, ама „Американците не им дале“! Кои црни Американци, баш ги заболе нив за тоа кој ќе потоне со Титаник?!

Што да се каже, дечки: како си надробивте, така ќе си сркате. Ставре тукушто ја извади лажицата од манџата недојадена.

Сашо Орданоски

(Колумната е објавена во „Слободен печат“)

Слични содржини