Судски рочишта за „Тифани“, „Триста“ и „Насилство во Центар“

од Vladimir Zorba

  Во Кривичниот суд за денеска се закажани судења за  предметите на Специјалното јавно обвинителство „Тифани“, „Триста“ и „Насилство во општина Центар“.

Во предметот „Тифани“ за даночно затајување е обвинета новинарката Ивона Талевска.

Случајот „Тифани“ се однесува на кривично дело што траело од 2008 до 2014 година, при што Талевска како управителка на друштвото за консалтинг „Смарт ДООЕЛ“ и на „Смарт груп ДООЕЛ Скопје“ за даночните 2008 – 2014 година одбегнала да плати даноци, а во завршните сметки давала лажни податоци, при што одбегнала да плати 2.314.463 денари или 37.634 евра преку фирмите и 1.040.840 денари или 16.924 евра личен данок.

На обвинителна клупа денеска повторно ќе седне и поранешниот помошник-министер за внатрешни работи Ѓоко Поповски, кој е обвинет за случајот „Триста”.

Според обвинителниот акт, Поповски е обвинет за незаконска набавка на 300 возила за потребите на МВР, односно за оштетување на државниот буџет за 453.570 евра.

 

Судско рочиште треба да се одржи и за седмообвинетиот Димче Крстев во случајот „Насилство во Општина Центар“, кој претходно беше раздвоен од постапката.

Крстев нема адвокат, а на последното рочиште се изјасни за невин.

Во случајот „Насилство во Центар” обвинети се 14 лица, меѓу нив и поранешниот премиерот Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Даниела Рангелова.

На претходните рочишта, вината за случувањата пред Општина Центар вo јуни 2013 година, ја признаа четвртиот обвинет, Томислав Лазаров и петтиот обвинет Јордан Ристевски.

Слични содржини