Почетна / Актуелно / Театарот на ВМРО-ДПМНЕ: „Ви благодарам за вашата реплика, и се согласувам целосно“

Театарот на ВМРО-ДПМНЕ: „Ви благодарам за вашата реплика, и се согласувам целосно“

Со остри реплики за тоа кој ја предава државата, кои пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ги упатуваа кон СДСМ преку реплики и контрареплики едни на други и со забелешки дека пратениците ги злоупотребуваат процедуралните забелешки за политички ставови, но и со прекори од Вељаноски за неговите сопартијци се одвиваше денешниот попладневен дел од конститутивната седница, која наликуваше на сите претходни.

Остри критики за злоупотреби на процедуралните забелешки и репликите и контрарепликите кои не се за точката на дневниот ред, а пратениците на ВМРО ДПМНЕ ги упатуваат едни кон други, искажа Зекирија Ибрахими од Беса.

– Слушаме за албански јазик, за геноциди, но не слушам некој да говори за точката од дневниот ред. Трагично е репликите да почнат со изразот „се согласувам целосно со вас“, а контрарепликите со зборовите „ви благодарам за вашата реплика“, ова не само што е смешно, туку е болно – рече Ибрахими.

Двата други подинамични моменти беа „препирката“ на претседавачот со седницата Трајко Вељаноски со неговите сопартијци од ВМРО-ДПМНЕ, Крсто Мукоски и Илија Димовски, при што Вељаноски ги критикуваше дека ги злоупотребуваат процедуралните забелешки за политички ставови, па Мукоски во еден момент рече „ако ме прекинувате ќе заминам“, по што ја напушти говорницата. Потоа Димовски му држеше лекција на Вељаноски кога смее да дава забелешка дали процедуралната забелешка е на место или не.

Димовски, освен со изнесувањето на партиските ставови, се активираше и во препирка преку процедурални забелешки со Радмила Шекеринска од СДСМ, за тоа кој колку се грижел за земјоделците, откако заменик-претседателката на СДСМ обвини дека поради бескрајните реплики и контрареплики и процедуралните забелешки не функционираат институциите, а среде катастрофата со измрзнувањето на јаболката во Преспа нема можност да им се помогне на овоштарите.

Потоа се течеше како и досега, неколкумината пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и понатаму си реплицираа и контрареплицира, а голем дел од нив од собраниската говорница ги читаа своите реплики.

Седницата претседавачот Вељаноски ја прекина во 18 часот и следното продолжение го закажа за в понеделник во 11 часот./Мета