Тевдовски е оптимист за растот од 2,2% на БДП, но аналитичарите се за умерен оптимизам

од Vladimir Zorba

Министерот за финасии Драган Тевдовски ја смирува јавноста. Вели негативните показатели за растот на економијата се привремени, а одговорноста за минусното салдо на бруто домашниот производ ја лоцира кај претходната влада, односно во проблемите кои произлегоа со автопатиштата, информира Телма.

Оптимист е дека нема да има потреба од ревидирање на предвидениот раст на БДП-то од 2,2%, бидејќи министерството успеало да обезбеди стабилни финансии до крајот на годината. Се покачени и бруто-приходите од ДДВ, истакна министерот за финансии.

-Индикаторите за економските сентименти кои ги прави ЕУ се на историско највисоко ниво. Последните податоци за полнење на буџетот укажуваат дека во земјава почнува придвижување на економијата и очекувам да нема потреба од ревидирање бидејќи Министерството успева да обезбеди стабилни финансии до крајот на годинава, рече министерот за финансии Тевдовски.

Економските аналитичари сепак сугерираат поумерен оптимизам. Добро е што владата се обидува да ја заживее економијата, но многу од најавените мерки ќе можат да заживеат дури следната година, вели Фатмир Битиќи.

Според министерот Тевдовски, до крајот на годината не е планирано издавање на еврообврзница, а буџетот ќе се финасира од домашно задолжување по пониски каматни стапки.

На отчетот за работеното во првите 100 дена, Тевдовски посочи дека негова цел било да се стави ред во јавните трошења, а реформите во системот на јавните финасии да бидат во насока на најдобрите европски стандарди.

Намален е бројот на аукции на домашниот пазар од тетири на две месечно со пониски стапки на задолжување, а вратени се кредити со каматни стапки од 6 проценти.

Слични содржини