Трајна забрана за запирање возила за доставување стока во центарот на Скопје

од Vladimir Zorba

   Советот на Град Скопје на денешната осма седница ја усвои одлуката со која трајно се воведува забраната за запирање возила за доставување стока на подрачјето на град Скопје.

Градоначалникот Петер Шилегов, објасни дека со ова, привремената одлука за забрана за запирање на возилата за доставување стока во централното градско подрачје во периодот од 7:30 до 18 часот, станува трајна.

– Станува збор за временска измена на важњето на веќе постојната одлука во функција на намалување на загадувањето и сообраќајниот метеж во центарот на градот. Имајќи предвид дека ниту еден субјект не пропадна и ништо страшно не се реши, предлагам оваа одлука да се изгласа и забраната да се продолжи, рече Шилегов.

Советот ја усвои и предлог одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за јавни паркиралишта од значење за градот Скопје, со која како што објасни градоначалникот Шилегов, ќе се овозможи градот непречено да наплатува комунална такса од правни субјекти кои сега стопанисуваат со паркинг места.

– Заради правен недостаток и немањето имотен лист градот не може да ги внесе во системот на јавен интерес некои претпријатијата. Извесни субјекти се корисници на земјиштето и се во постапка за приватизација на земјиштето. Измените се потребни за градот да може непречено да ја собира комуналната такса, рече Шилегов.

Советничката Драгана Велковска од Левица, рече дека нема логика некој да добие дозвола за работа, а да нема потврда за сопственоста на земјиштето, како и дека стимулирањето на користењето на јавен превоз се врши со други мерки.  

Слични содржини