УСЈЕ по девети пат дел од глобалната акција „Часот на планетата земја“

од Vladimir Zorba

 

 

УСЈЕ еден час ќе ги исклучи мелниците за цемент и електричното напојување во фабриката со што ќе се заштедат на 10 MWh електрична енергија или приближно колку едночасовна потрошувачка на околу 20.000 семјества

 

Скопје, 24.03.2017– Традиционално, по деветти пат, Цементарница УСЈЕ и годинава ќе биде дел од глобалната акција „Часот на планетата земја“. Годинешното мото на акцијата е „Заблескај светлина на климатските промени – вклучи се во акцијата, исклучи ги светилките“, а се очекува годинава да се ѝ приклучат 7000 градови од 130 земји од светот.

УСЈЕ ќе се приклучи кон акцијата со симболично исклучување на мелниците за цемент и електричното напојување на сите невитални објекти во кругот на фабриката во периодот од 20:30 до 21:30 часот на 25. март 2017 година.

Со ова УСЈЕ ќе се овозможи заштеда од над 10 MWh електрична енергија, што е приближно колку вкупната едночасовна потрошувачка на околу 3000 домаќинства или околу 20.000 светилки. Со остварената заштеда на електрична енергија Цементраница УСЈЕ придонесува во намалувањето на вкупните емисии на т.н. стакленички гасови во атмосферата, кои се посочуваат како еден од главните причинители на глобалното затоплување и климатските промени.

Покрај тоа, УСЈЕ ги вклучува и своите вработени во акцијата „Часот на планетата земја“, повикувајќи ги активно да се вклучат кон оваа иницијатива и на лично ниво во своите домови. За да се зајакне акцијата, компанијата на своите вработени им подели едукативни материјали каде директно се посочуваат ефектите од енергетската ефикасност и заштедите на енергија во насока на зачувување на животната средина. Едукативниот материјал е изработен од Министерството за животна средина и просторно планирање со поддршка на Европската Унија и УНДП.

Секој поединец, компанија или организација има обврска да делува одговорно и во склад со природата. Само така можеме да зборуваме за одржлив развој. УСЈЕ во секој сегмент од своето работење ги применува овие стандарди и постојано ги унапредуваме. Горди сме што нашиот пример го следат многу други компании и институции, и спремни сме да ги споделиме нашите искуства во корист на заедницата, истакна Борис Хрисафов, главен извршен директор на Цементарница УСЈЕ.

Од декември 2008, Цементарница УСЈЕ е член на „Глобал Компакт“ договорот на Обединетите Нации. Со потпишување на овој договор, компанијата се обврза дека ќе ги почитува десетте клучни принципи за добро корпоративно управување, меѓу кои е и заштитата на животната средина. Во 2014 година Цементарница УСЈЕ целосно ги исполни сите обврски предвидени со А – Еколошката дозвола, а дополнително продолжи и со реализацијата на бројни општествено одговорни иницијативи во областа на животната средина. Токму за вложувањата во реализација на еден ваков проект со кој се обезбеди трајно намалување на емисиите на азотни оксиди (NOx) во воздухот под законски утврдените граници, УСЈЕ минатата година ја доби и наградата за општествено одговорно делување во категоријата „Заштита на животната средина”.

Слични содржини