Верници и други љубопитници ги исполнија изминатата ноќ црквите во Охрид

од Vladimir Zorba

Многу илјаден народ, верници и други љубопитници, ги исполнија изминатата ноќ сите цркви во Охрид.

Сепак, радосната вест за Христовото воскресение, најавена со биењето на камбаните, синоќа на полноќ, најбројните ја дочекаа во Светиклиментовиот храм, Св. Пантелејмон на Плаошник.

Со празничната богослужба чиноначалствуваше митрополитот Дебарско – кичевски г. Тимотеј кој им ги честита Велигденските празници на бројните верници.

Во долгите поворки, покрај охриѓани имаше голем број домашни и странски гости.

Пред верниците се читаше Велигденското послание на Поглаварот на Македонската православна црква г.г. Стефан, во кое тој повикува на мир, љубов и толеранција и на чување на верата.

Свечено и масовно беше и во црквата Св. Богородица во Каменско, од каде градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески упати честитка до сите граѓани од христијанска вероисповед, посакувајќи им добро здравје, благосостојба и духовна радост.

Велигденска миса се одржа и во католичката црква „Св. Бенедикт и Св. Кирил и Св.Методиј“ во Охрид.

Денес, во црквата „Св. Софија“ со почеток во 17 часот, ќе има вечерна Архиерејска богослужба, Второ Воскресение со читање на светото Евангелие на повеќе странски јазици и делење на велигденски јајца.

Утре, претпладне, втор ден Велигден, ќе има утрена со Златоустова литургија во сите парохиски цркви, додека Архиерејска литургија ќе се одржи во црквата „Св. велемаченик Ѓорѓи“ во Струга./МЕТА

Слични содржини