(ВИДЕО) Цуцуловски – Партиска магла за пасивизирање на граѓаните

од Vladimir Zorba

cuculovski

Партиите ја киднапираат вистината за да внесат забуна кај граѓаните, а збунетоста е чекор кон дефетизам. Кога луѓето не може да утврдат што е вистината, се прашуваат која е смислата на нивниот ангажман, вели професор Љубомир Цуцуловски во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Професоре Цуцуловски, по страшното невреме видовме како граѓаните си помагаат еден на друг и како се јавува човечност во услови на опасност. Дали овие слики ни ги покажаа оние вечни вредности на коишто повеќе не им придаваме важност?

Јас можеби наивно припаѓам на она група на луѓе кои веруваат дека сепак постојат некои вечни универзални, трансвременски или трансисториски вредности и дека тие се својствени според тоа за која било епоха и за која било средина, бидејќи се својствени за суштината на самото човечко суштество. И тие вредности повторно дојдоа до израз за жал во една непријатна или трагична ситуација каква што беше поплавата од почетокот на овој месец што говори дека сепак човечноста и натаму постои, дека човекот и покрај сите промени што се имаат случено, како на општествено ниво, како на политичко, така и на економско ниво и на сите кризи кои го зафаќаат општеството во сите негови димензии сепак е задржана таа човечност. Тоа е она што охрабрува, макар што од друга страна ми се чини дека не беше така масовна и така интензивна како што беше во 1963 година, бидејќи јас сум сведок, тогаш 15-годишно дете бев кога беше скопскиот земјотрес, кога буквално беа нагрнати луѓе од сите страни, не само на Македонија, не само на тогашната држава Југославија, туку на светот. Но, можеби димензиите со кои беше оваа трагедија не беа од тој тип, па можеби и затоа не се мобилизираше толку таа универзална човечка хуманост.

Од „бомбите“ слушнавме дека високи функционери во власта се инволвирани во сериозни злоупотреби. Колку отворените сомневања ја разбудија масовно свесноста кај граѓаните дека политичарите треба сериозно да одговараат пред лицето на правдата за тоа што го направиле?

Мислам дека објавувањето на т.н. бомби предизвика одредено мобилизирање во јавноста, меѓутоа не до онаа мера до која јас очекував дека ќе дојде. Очекував дека реакциите на граѓаните ќе бидат многу пожестоки, не во смисла насилни, туку пожестоки во смисла да речеме дека многу повеќе ќе се мобилизира интелектуалната јавност, дека многу повеќе ќе имаме текстови од наши видни интелектуалци, сеедно дали се тоа социолози, философи, економисти или, пак, писатели, уметници, тие се на некој начин дел од она што се означува совест на една нација. А можеби тоа се должи помеѓу другото не само на партиската поделба на нашето општество, бидејќи голем дел од интелектуалците очигледно припаѓаат на одредени политички или партиски кругови и нормално е како индивидуа јас да припаѓам на одредена партија, но кога сум интелектуалец, тогаш треба да бидам интелектуалец и сето она што го носам во себе како моја интимност, како моја приватна определба, треба да го оставам на страна. Накусо, не треба да заборавиме на онаа позната изјава на Аристотел кој бил директен, непосреден ученик на Платон дека Платон му е драг, но дека подрага му е вистината. Тоа е од една страна. Од друга страна, кога веќе станува збор за бомбите, она што можеби ги декуражираше донекаде и граѓаните на Македонија и дел од нивните интелектуалци е селективноста во прикажувањето на разговорите. Ние не чувме ни една бомба во која на еден или друг начин е компромитиран некој член или некој круг од опозицијата. И тогаш нормално дека и реакцијата ќе биде селективна. Не можете вие да очекувате сите да се дигнат на нозе ако вие не изнесувате сè во јавност што е снимено, туку го изнесувате само она што вам ви одговара, зашто има ситуации кога мора да се надмине и партискиот интерес.

Целиот текст можете да го прочитате тука

Слични содржини