ВМРО-ДПМНЕ ја продлабочи соработката со четири НВО

од desk3

ВМРО-ДПМНЕ денеска потпиша Меморандум за соработка со Сојузот на земјоделци на Македонија, Здружението за културно обединување на Бошњаците од Македонија АВАЗ, НВО Коалицијата на Египќаните и Здружението за духовно обединување на Сетинци, Попадинци и Крушоради од Лерин во Македонија.

vmro-dpmne

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски порача дека со меморандумот се официјализира соработката со четирите различни здруженија и оти е резултат на пронаоѓање заеднички точки за комуникација и идна соработка.

– Како ВМРО-ДПМНЕ секогаш сме биле отворени за соработка, отворени за секоја идеја која ќе значи напредок на државата, нови успеси, развој и надминување на предизвиците.  Секогаш сме биле партнер со граѓаните. Граѓанинот е во центарот на нашето внимание. Нашата меѓусебна соработка со граѓанскиот сектор, со вистинскиот граѓански сектор,  трае со години наназад, бидејќи граѓаните се оние за кои ние работиме и оние за чија доверба се бориме, рече Груевски по потпишувањето на меморандумот.

Додаде дека како политичка опција забележуваат постојан напредок, што, како што рече, се должи на стратешката определба да работат за подобар живот на граѓаните, а нивните политики претставуваат одговор за потребите на земјоделците, на работниците, на младите луѓе, на различните етникуми и заштита на нивните права и посебности, како и различните групи кои имаат свои потреби и барања.

– ВМРО-ДПМНЕ ги обединува сите кои што сакаат подобра иднина, остварливи проекти, и кои што со своето постоење и работа сакаат да се вградат во напредокот кој што сакаме да го постигнеме во секое поле. Ние сме спремни да разговараме за сечија идеја и предлог кој е во насока на растот и развојот на нашата држава, истакна Груевски.

Посочи дека во предизборниот период се фокусирани на изработка на најобемна програма во која секој граѓанин ќе може да се пронајде и да види што ќе работат во наредниот период со конкретни рокови и насоки.

– Затоа и оваа соработка со здруженијата ќе се одвива во насока на заедничко разгледување предлози, идеи и препораки во насока на унапредување и подобрување на квалитетот на животот во секој поглед, рече Груевски.

Претседателот на Сојузот на земјоделци, Вељо Тантаров истакна дека во изминатите 10 години многу е направено за развојот на македонското земјоделство и село. Тој ги истакна поволностите што ги добиле земјоделците меѓу кои субвенциите, намалувањето на ДДВ од 18 на 5 отсто за земјоделската механизација, репроматеријали и добиточна храна, како и легализацијата на имотите.

– Во 2006 година имавме минорни пет милиони евра субвенции, а ВМРО-ДПМНЕ по доаѓањето на власт вети 670 милиони евра субвенции до 2014 гходина и тоа го исполни, рече Тантаров.

Кире Јовановски од Здружението за духовно обединување на Сетинци, Попадинци и Крушоради од Лерин во Македонија рече дека е време земјава да излезе од двегодишната наметната политичка криза.

– Македонија е во сигурни раце, не има нас и ВМРО-ДПМНЕ. Доста беше криза, време е Македонија да оди напред. Ако верувате во Македонија вашиот избор е јасен, порача Јовановски.

Демир Далип од НВО Коалиција на Египќаните истакна дека во изминатите години Египќаните во Македонија го решија својот најгорлив проблем станбеното прашање во сите места каде се градеа станови за социјално загрозени семејства.

Зекир Рамчиловиќ, пак, од Здружението за културно обединување на Бошњаците од Македонија АВАЗ рече дека е многу направено и за бошњачката заедница во земјава, но сепак има уште што да се прави.

– Ја поддржуваме политиката за привлекување странски инвестиции за да се отворат нови работни места. Тоа е и најгорливиот проблем на Бошњаците во Македонија, бидејќи тие претежно живеат во руралните средини во земјава, рече Рамчиловиќ./МИА

Слични содржини