Изминатите два дена, поголемиот дел од дебатата во Собранието беше во знакот на платформата на албанските партии, законот за јазиците и зачувувањето на унитарноста на државата, а најголем дел од пратениците што излегоа на собраниската говорницата беа од ВМРО-ДПМНЕ.

Утрово, пред одржувањето на седницата, двете најголеми партии ги повторија своите ставови преку редовните утрински соопштенија.

Од СДСМ велат дека пратениците кои си зборуваат сами со себе нема да ги спречат промените што доаѓаат.

„Ќе има претседател на Собранието и ќе има нова реформска влада на граѓаните. Ниту Груевски, ниту пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои си зборуваат сами со себе, тоа нема да го спречат“, велат од СДСМ.

ВМРО-ДПМНЕ нагласува дека патоказот што го презентираше вчера пратеникот Антонијо Милошоски, е добра основа за постигнување консензус за излез од кризата.

„ВМРО-ДПМНЕ ги отфрли уцените и ја отфрли тиранската платформа. ВМРО-ДПМНЕ во процесот на преговори и јавно соопшти дека нема намера да формира влада по секоја цена. Граѓаните се чувствуваат изиграни и загрозени, бидејќи СДСМ под превезот „За живот“ им донесе двојазичност и федерализација“, се вели во партиското соопштение.