Заев: Исполнети условите за фер и демократски избори

од Vladimir Zorba

timthumb-10

Претседателот на СДСМ Зоран Заев денеска оцени дека се исполнети условите за фер и демократски избори, посочувајќи дека Избирачкиот список е прочистен и оти има тренд на медиумско избалансирано известување.

– Избирачкиот список е прочистен. Осумдесет илјади фиктивни гласачи се тргнати, што беа 7,5 проценти од вкупниот број гласачи. Сега секој граѓанин кој гласа, ќе знае дека ќе влијае на иднината на својата земја. Во медиумите имаме значаен исчекор. Ја испраќам пораката дека е респект трендот од избалансираност во медиумите. Тоа важи за сите медиуми. Верувам дека оваа изјава ќе ги охрабри уште повеќе – да има фер и медиумско избалансирано информирање за сите. Тоа беа двата услови што ги баравме. На 11 декември не само што ќе има избори, туку и промени, изјави Заев, при денешната посета на Прилеп.

На новинарско прашање дека листите на СДСМ ќе бидат половина со членови од Шарената револуција, Заев одговори дека фер и демократски избори не може никој да оспори.

– СДСМ сака да ги пронајде најдобрите кандидати за пратеничките листи. Во овој процес ќе се водиме исклучиво од интересот на граѓаните. Најдобрите репрезенти на граѓаните ќе бидат на пратеничките листи. Наша цел е да го вратиме сјајот на Парламентот. Добредојден е секој. И Заев беше дел од шарената револуција, а ако вреди ќе биде на листите. Тоа важи за сите, рече претседателот на СДСМ.

Според Заев, СДСМ ќе залага минималната плата да биде 12.000 денари, а просечната да достигне 30.000 денари. СДСМ, нагласи Заев, тоа ќе го направи со директно стимулирање на домашните компании со 108.000 денари годишно или по 9.000 денари месечно за новопримен работник на кого работодавецот ќе му обезбеди просечна, или надпросечна плата. Работодавачот наредната година ќе има обврска да вработи повеќе работници од претходната година. Со тоа ќе стимулираме нови работни места и покачување на платите, изјави Заев, најавувајќи и сет мерки за стимулирање на малите и средни претпријатија.

На новинарско прашања да ја објасни изјавата дека албанскиот јазик ќе го има на територијата на целата држава, претседателот на СДСМ Зоран Заев со одговор дека практичната примена на законите во Македонија е во корист на граѓаните.

– Примената на законите е за граѓаните. Во Прилеп тој што учи на албански јазик, иако е многу мал процентот, може да добие право да учи музичко училиште на албански јазик, да напише барање на албански јазик. Го кажав примерот со бабата од Гостивар. Не може да добие надомест за нега зашто го знае само албанскиот јазик и прашање е дали само поради тоа не може да добие одговор на албански? Прилепчани, тие што сакаат може да зборуваат на друг јазик. Македонскиот е официјален јазик и треба да го зборуваме сите, без разлика на нашата етничка, верска, национална, религиска припадност. Официјалниот, македонски јазик, треба да го знаеме. Примената треба да биде наше растоварување. Граѓаните не губат ништо ако некој добие некое право повеќе, рече Заев./а1он

Слични содржини