Закана за убиство на градоначалничкиот кандидат на Беса за Сарај

од Vladimir Zorba

Закана за убиство вчера пред 17 часот добил кандидатот на Беса за градоначалник на општина Сарај, Башким Бакиу, објави „Порталб“. Случајот во полиција го пријавил Бакиу.

Според СВР Скопје, вчера, околу 19 часот, во Полициската станица Центар дошол Башким Бакиу, жител на селото Љубин, и кажал дека во текот на денот добил СМС со заканувачка содржина на неговиот мобилен телефон. Но, бидејќи се брзал за да овозможи ненајавен митинг во месноста Дервен во селото Сарај, се откажал од можноста формално да го пријави случајот и заминал. Потоа, во 19.50 часот, се јавил на телефонскиот број 192 и го пријавил митингот и побарал полициско обезбедување.

„Господине Бакиу, десет години поминав во затвор и ако е потребно, уште десет ќе ги заспијам. Тебе ќе те снема ако вечерва продолжиш со активности и одржуваш собири. Вечерва те чекам во Дервен, каде што ќе имаш собир“, гласи заканувачката порака што ја добил Бакиу.

Митингот завршил без проблеми, по што полицајците му кажале да го пријави случајот во Полициското одделение Сарај, соопшти СВР Скопје.

За „Порталб“, Бакиу изјави дека го информирал и меѓународниот фактор за заканата.

– Заканата нема да ме запре. Живот дава и зема само Бог! Случајот е пријавен и во полиција и на меѓународниот фактор – вели Бакиу, пренесува „Порталб“.

Слични содржини