Законот за јазици на пленарна седница, ВМРО-ДПМНЕ ја окупираше говорницата

од Vladimir Zorba

Вака изгледаше обидoт на опозицијата за прекин на дебатата на пленарната седница по предлог законот за употреба на јазиците. Пратеникот Илија Димовски по истекот на времето за процедурална забелешка, побара пауза од еден час, а откако собранискиот спикер Џафери не го прифати барањето, останатите пратеници на ВМРО- ДПМНЕ ја окупираа говорницата во знак на протест.

Откако страстите се смирија, Џафери даде пауза, но опозицијата не отстапи од барањето да се отстрани точката од дневен ред.

„Ќе ги користиме сите возможни правни можности за да се спротивстваиме на носење закон кој нема да донесе ништо добро за Македонија, туку ќе ја воспостави двоен правен систем општешство“ – изјави Илија Димовски, ВМРО-ДПМНЕ.

Првите неколку часови поминаа во обид да се отвори дебатата. Речиси сите координатори на пратеничките групи на ВМРО- ДПМНЕ се јавија за процедурални забелешки уште пред да биде изгласан дневниот ред. Тврдат дека законодавната постапка била прекршена неколкупати, поради што побараа целата постапка да се повтори.

„Процедурата за носење на овој закон е протвзаконска и барам да се прекине оваа процедура и законот да биде повлечен.“ – изјави Зоран Илиоски, ВМРО-ДПМНЕ.

Речиси сите пратеници од владеачкото мнозинство беа во пленарната сала, но се воздржаа од реплицирање на обвинувањата на опозицијата. Оттаму за ТВ 24 велат дека однесувањето на пратеничките групи на ВМРО- ДПМНЕ е повеќе од очигледен обид за уште една кочница во собраниската работа.

Инаку, предлог- законот денеска ја помина комисијата за политички систем со 9 гласови „за“ и 6 „против“. Доколку биде поддржан и на пленарната седница, предлог- законот ќе премине во втората фаза од законодавната постапка, односно во второ читање, кога може да се поднесат и амандмани.

Слични содржини