2018: Пробив на електромоторите?

од desk4

Скандалот со издувните гасови ја обнови дебатата за мобилноста во иднина. Дали електричниот мотор може наскоро да го замени моторот кој работи на согорување? Какви концепти на мобилност ќе преовладуваат, анализира Дојче веле.

Политиката носи конкретни одлуки: Во Велика Британија, од 2040. година, продажбата на нови возила со дизел или бензински мотори ќе биде забранета. Дури и хибридите со комбинација на електричен погон и мотор на согорување веќе не се пожелни. Слични одлуки има и во Франција и Норвешка. Во Кина, најголемиот автомобилски пазар во светот, наскоро ќе има квота за електрични автомобили. Во Германија има се повеќе барања на поединечни партии или политичари кои одат во иста насока, но, барем досега, не се донесени такви одлуки. Сепак: ќе се стесни просторот за конвенционалните автомобили.

„На долг рок гледам, сметам дека е од суштинско значење да се ослободиме од горивата кои согоруваат бидејќи без тоа навистина не можеме да се справиме со проблемите поврзани со животната средина”, вели Клаус Дол од Фраунхофер Институтот за системи и иновациски истражувања (ИСИ). Истражувачите во Карлсруе, и во име на Сојузната влада, работат на концепти за мобилност на иднината.

Незначително намалување на емисијата на гасови

Сообраќајот е единствениот сектор кој во последниве години не успеа значително да ја намали емсијата на ЦО2, смета Дол. Мора да се справиме со тоа. Овој експерт за мобилност нагласува дека без еколошко производство на енергија и електроавтомобилите нема да помогнат многу во заштитата на животната средина. Производството на батерии е поврзано со специјални суровини кои тој во разговор за ДВ ги опишува како „убав еколошки товар“. „Ако на овој товар додадете и струја произведена од јаглен, тогаш е тоа исто како да се користи мало возило на бензин“, вели Дол.

Со еко-струја е сосем поинаку, но истата мора и да се произведе. „Човек може да каже дека ќе ја земеме цела еколошки произведена струја за да се користи во сообраќајот“, вели овој експерт. Но во основа мора да се пресмета целосниот биланс. „Тоа значи, колку електрична енергија имам и како да ја дистрибуирам во сите сектори на економијата?”

Заштита на животната средина или енергетска промена?

Еко-струјата е скапа, а изградбата на потребните далноводи и огромните турбини на ветар е контроверзна, вели Дол. Затоа, прашањето мора да гласи: „Што сакам да постигнам, заштита на животната средина или енергетска и промена на мобилноста?” Дури и долгтрајната иницијатива за префрлање на товарниот сообраќај во железницата чини многу пари, така што поентата „по секоја цена” е важен аспект. „Секогаш мора да се процени што е она што ќе го користиш и колку ќе чини”. Глобалната придобивка, исто така, треба да се земе предвид од гледна точка на тоа колку ЦО2 единици ќе заштедите и како тоа може да биде економски оценето. Земајќи ги предвид сите аспекти,експертите заклучуваат: „Сметаме дека промената од мотори со издувни гасови на електромотори е неопходна поради заштита на климата.“

Електроавтомобили – скапа грешка?

„Моторот со внатрешно согорување ќе ги надживее сите

Сосема различно мислење има Роланд Бар од Техничкиот универзитет (ТУ) Берлин. „Моторот со внатрешно согорување ќе ги надживее сите”, вели овој дипломиран инженер и професор. Нему во сегашната енергетска дискусија му недостасува „анализа и поглед на целината”. Од вкупниот процент на стаклени гасови кои ги произведува човекот, само четири проценти се должат на сообраќајот. Останатиот дел доаѓа од другите сектори, пред се од земјоделството. Клучниот збор е: емисија на метан. Најновите дизел мотори ќе имаат „многу ниски емисии на јаглерод диоксид” и – поради нивниот филтер за честички – дури и помала емисија на гареж од нормалните бензински мотори,” нагласува овој експерт во разговорот со ДВ.

Оттука, преминување на електромотори не е решение, особено што енергетската транзиција ќе трае долго време. „Ние не сме ги решиле централните прашања поврзани со енергетската транзиција, а сега сакаме да зборуваме за промена на моторите на внатрешно согорување, иако немаме алтернатива за нив,” вели Бар.

Идеални складишта

„Ако сакаме транспортот на германските улици, кој денес се одвива на бензин и дизел, да го направиме на електричен погон, ни треба една централа за складирање енергија голема колку Сарската област,” нагласува овој експерт. Покрај соодветните складишта недостаува и конкретна промена на изворите на енергија, односно „гигантско количество на енергија произведена од ветер.”

Експертот за мотори смета дека развојот на синтетички горива базирани на јаглероводород може да ги реши енергетските прашања на иднината. Тоа е скапо, но функционира. Ова многу ќе заштеди енергија и ќе го обезбеди долгорочно функционирање на сообраќајот.

Главниот проблем е тоа што непотребното користење на многу ресурси, не се намалува со префрлување од мотори со внатрешно согорување на електрични мотори. Напротив.

Слични содржини