27 руски дипломати ќе ги напуштат САД до 30 јануари

од Nikola Popovski

Амбасадорот на Русија во САД, Анатолиј Антонов денеска изјави дека 27 вработени во руската дипломатска мисија ќе ги напуштат САД до 30 јануари, а уште 28 до крајот на јуни.

Во септември минатата година Американците ни предадоа список од 55 вработени кои годинава во две фази треба да ја напуштат Америка. До 30 јануари земјата треба да ја напуштат 27, а до 30 јуни уште 28. До денес од првата група ја напуштиле 23 вработени, а утре заминуваат уште четворица, изјави Антонов, пренесува Спутник.

Иако Стејт департментот рече дека не станува збор за протерување или казнени мерки и дека Русија ќе може да назначи други дипломати наместо оние што заминале, Антонов рече дека Вашингтон намерно ги искривува фактите и додаде дека Москва има право да се врати со иста мерка.

Антонов пред два дена изјави дека и Стејт департментот го покренал прашањето за негово заминување од Вашингтон, во случај Русија да не му издаде визи на обезбедувањето на американскиот амбасадор во Москва.

Портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков тогаш изјави дека таквите навестувања од американската страна се „сериозна закана“.

Слични содржини