Првиот човек во здравството, министерот Фатмир Меџити денеска информира дека е направена уште една трансплантација на срце и бубрези во земјава. Според него, благодарение на хуманоста на едно семејство кое и покрај болката од загубата на член од семејството, успеа да собере храброст и да се одлучи да спаси не еден туку неколку животи, денес тројца пациенти добија здрави органи и шанса за нов живот.
„Упатувам огромна благодарност до семејството на донорот, изразувам длабоко сочувство за нивната загуба, но и почит за нивната одлука, за нивната хуманост и храброст. Живот може да се подари само ако за тоа имате доволно љубов и емпатија во себе. Благодарност и за целиот тим кој изминативе 24 часа без прекин работеше и сѐ уште работи на клиниките вклучени во трансплантацијата. Горд сум на медицинскиот кадар!“, вели Меџити.
Во 2020 година, во екот на пандемијата на коронавирусот, на Клиниката за кардиохирургија во Скопје, првпат во нашата земја, беше изведена трансплантација на срце, односно пресадување на органот од починат донор. Операцијата траеше 6 часа, а по неа следуваа повеќе операции за пресадување органи од починати донори. Во време кога недостигот од органи ги принудува научниците да смислуваат различни решенија за да се спасат што е можно повеќе животи, во Македонија на виделина излезе хуманоста на фамилиите кои даваа согласност органите од нивните најмили да бидат искористени за спасување нечии животи.