Дали вториот обид за атентат ќе му донесе победа на Трамп: „Демократите имаат свој моментум кој што потпретседателката Харис го полни со енергија“

од Nikola Popovski
267 прегледи

Републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп повторно мета на атентатор. Пукотници се слушнале во голф клубот на Флорида, на оддалеченост од неколку стотини метри од поранешниот претседател. Полицијата го уапси 58 годишниот Рајан Весли Рут, додека обидувал да побегне. Федералното истражно биро истражува обид за атентат.„Ќе продолжиме да ја поддржуваме истрагата со целосните ресурси на ФБИ, заедно со нашите партнери со тајната служба на соединетите држави и канцеларијата на шерифот на Палм бич, како и канцеларијата на шерифот на округот Мартин и државните и локалните органи за спроведување на законот“, изјави Џефри Велтри, одговорен специјален агент на ФБИ.

Иако по првиот обид за атентат, се очекуваше дека Трамп може да издвојува сигурна победа на американските избори, сепак последните анкети покажаа дека има тесно водство или речиси е изедначен со неговата противкандидатка Камила Харис. Дали ова што се случи може ова да има позитивни последици по него? Дали победата на изборите во ноември е „загарантирана“? Експертот за безбедност, дезинформации и комуникации, Емир Хасановиќ оценува дека поинаков е контекстот сега од првиот атентат каде беше избегната трагедија. Според него, Демократите имаат свој моментум кој што потпретседателката Харис го полни со енергија.

Емир Хасановиќ

-За разлика од амбиентот за време на претседателот Бајден, во демократскиот камп се чувствува свежина и позитивен електрицитет. Сега тимот на Трамп има и дополнителен проблем со изборот за потпретседател кој не минува одлично, вели Хасановиќ.

Според него, харизмата и авторитетот на поранешниот претседател Трамп се можеби единственото нешто што ја придвижува кампањата напред и го одржува водството.

-Ништо не е готово засега, особено што не очекува можеби и дебата кој може многу да влијае, тврди Хасановиќ во разговор за „Локално“.

На прашањето дали зачудува фактот што се случува втор обид за атентат на поранешен американски претседател и кандидат за нов мандат, особено на американско тло, соговорникот одговара потврдно.

-Чудно е бидејќи навикнати сме на кохезивна САД. Ова е само олицетворение на огромните јазови во нивното општество и показател колку се далеку од консензус граѓаните пред се, а потоа кандидатите. Начинот на кој кандидатите зборуваат еден за друг во контраст со не подалеку од тоа како Џон Мекејн и Барак Обама зборуваа еден за друг е непрепознатлив. Повеќе не се зборува за заедничка цел со поинакви методи туку за потполно други цели. Затоа се е сведено на се или ништо, па екстремните граѓани посегнуваат по такви неприфатливи чекори во едно демократско општество, анализира Хасановиќ.

Од Белата куќа соопштуваат дека претседателот Џо Бајден е известен за повторниот обид за атентат на републиканскиот кандидат. Од Тајната служба побара да се вклучат сите ресурси за заштита и за безбедност на поранешниот претседател. Во Америка нема место за насилство, напиша неговата противкандидатка Харис.

„Го осудувам политичкото насилство. Сите ние мора да го дадеме својот придонес за овој инцидент да не доведе до натамошно насилство. За насилството нема место во Америка“, изјави Харис.

Роналд Роу, в.д директорот на Тајната служба, не одговори конкретно дали постои начин осомничениот да знаел дека Доналд Трамп ќе биде на теренот за голф во одредено време.

„Тоа не беше во официјалниот распоред на поранешниот претседател… Тој не ни требаше да оди таму. Истрагата е во тек, колку што знам во овој момент, немам никакви информации за тоа“, рекол тој, а потоа ја пофалил брзата акција на агентот на Тајната служба кој бил на теренот.

Роу истакнува дека Трамп има „највисоко ниво“ на безбедност и дека неговата безбедност е многу слична на онаа што ја имал додека сè уште бил претседател.

Роу повторува дека Трамп не требало да оди на теренот за голф во недела и дека агентите биле принудени да состават план со мало известување.

„Составивме безбедносен план и тој безбедносен план функционираше“, вели тој. Додал дека Трамп бил надвор од видното поле на осомничениот Раут во моментот кога бил забележан од агент на Тајната служба кој визуелно ја пребарувал областа.

Републиканскиот кандидат Доналд Трамп вчера изјави дека „реториката“ на американскиот претседател Џозеф Бајден и потпретседателката Камала Харис предизвикува луѓето да пукаат во него.

Тој рече дека напаѓачот кој отвори оган во негова реагирал на „многу запаливиот“ наратив на демократите.

„Тој (напаѓачот) веруваше во реториката на Бајден и Харис и дејствуваше според неа. Нивната реторика предизвикува пукање кон мене, кога јас сум тој што ќе ја спаси земјата, а тие се оние кои ја уништуваат однатре и однадвор“, изјавил Трамп за „Фокс њуз“.

Ова е втор обид за атентат врз поранешниот претседател Трамп. Пред два месеца вооружен маж стрелаше кон него на предизборен митинг во Пенсилванија. Тогаш Трамп беше полесно повреден, а напаѓачот беше ликвидиран.

Н.П.

Слични содржини