Нови ветришта дуваат од Унгарија: „Владите на Вучиќ, Додик и Мицкоски стануваат сè покревки, помалку координирани и поизложени на надворешни притисоци“

„Доаѓањето на Маѓар е удар врз стратегијата на балканските нелиберали кои се потпираа на Орбан како мост кон ЕУ“, вели српскиот аналитичар Ињац за „Локално“

од Nikola Popovski
96 прегледи Фото: Фејсбук

Актуелниот премиер на Унгарија, Виктор Орбан го призна поразот на парламентарните избори одржани во Унгарија во неделата и е подготвен да се повлече по 16 години. Опозициската партија Тиса, предводена од Петер Маѓар, беше убедлива и освои двотретинско мнозинство во тамошниот парламент. За време на владеењето на Орбан, Будимпешта изгради многу добри односи, покрај со Скопје, и со Белград и Бања Лука, па се поставува прашањето дали и како тие ќе продолжат во иднина. Некои анализи сега го поставуваат прашањето дека под новата влада, Унгарија би можела да изгуби дел од енергетската флексибилност што ја имаше во претходните години.

Маѓар веќе отвори сомнежи околу случајот со експлозивот пронајден во близина на гасоводот Турски тек во Србија, оценувајќи дека во екот на кампањата тоа личело на операција со елементи на „лажно знаме“. Во ист настап тој отиде и чекор подалеку, велејќи дека знае каква поврзаност постои меѓу Орбан, словачкиот премиер Роберт Фицо и српскиот претседател Александар Вучиќ, како и дека „отприлика знае“ кој е кумот зад тие блиски односи. Таквата формулација во дел од европските извештаи беше прочитана како јасна алузија на Владимир Путин и на руското влијание во регионот.

Вучиќ јавно му возврати на Маѓар со порака „Ајде, кажи кој стои зад тоа“, оценувајќи дека новиот унгарски лидер нема докази за ваквите тврдења. Тој рече дека Маѓар само нагаѓа, дека нема поим што зборува и дека, ако не водел сметка за односите со Унгарија и со унгарското малцинство во Србија, неговите изјави би ги нарекол уште понеодговорни. Вучиќ истовремено најави дека истрагата за пронајдениот експлозив ќе биде завршена и дека наодите ќе бидат споделени, уверувајќи дека токму тие ќе покажат оти Маѓар поверувал во гласини наместо во факти.

За дел од српската експертска јавност, иако Маѓар нагласува дека сака добри односи со Србија, „првенствено поради Унгарците од Војводина“ и дека ќе продолжи да ги одржува, тоа ќе биде „потранспарентно“ и помалку лично. Според нив, сега се отвора многу подлабок проблем – проблемот со односите меѓу Србите и Унгарците во Војводина.

-Под Орбан, овој однос се подобри и речиси сите меѓуетнички инциденти, кои се речиси континуирани од крајот на Втората светска војна, престанаа. Бурната историја за време на Втората светска војна и нападите извршени од окупаторските власти на Унгарското кралство на Хорти врз цивилното население на Бачка, кога беа убиени над 40.000 цивили, претежно Срби, потоа Евреи и Роми, отворија рана, која речиси беше залечена од личните односи меѓу Орбан и Вучиќ. Сега постои вознемиреност меѓу унгарското население на Војводина.

Лошата економска состојба на Западен Балкан влијаеше врз зголемената миграција на Унгарците од Војводина. Благодарение на можноста да добијат унгарски пасош врз основа на нивната етничка припадност и со тоа да станат граѓани на ЕУ, најголемиот број млади Унгарци од Војводина се преселија во Западна Европа. Унгарското население што остана во Војводина е претежно постаро и значително помалку млади луѓе. Слична ситуација се случи и со другите малцинства во Војводина чии матични земји се земји-членки на ЕУ. Во моментов, Србите во Војводина се побројни во процент отколку во централна Србија – или со други зборови, населението на малцинските заедници во централна Србија е поголемо отколку во Војводина. Затоа, сегашните етнички пропорции, товарот на историјата и неизвесната политика на Петар Маѓар веќе предизвикаа голема загриженост кај Унгарците во Војводина. Исто така, истите Унгарци во Војводина гласаа за Орбан во големо мнозинство. Очекувањата на унгарското малцинство од Маѓар не се големи – тие не му веруваат, не веруваат дека тој ќе ги заштити нивните интереси во Србија. Тие се плашат дека конфронтацијата со властите во Србија ќе ја загрози нивната позиција во Србија. Дури се плашат дека ќе бидат искористени за пресметка со Вучиќ и сегашната влада во Србија, вели во разговор за „Локално“, политичкиот аналитичар од Србија, Жељко Ињац.

Според соговорникот, промената на власта во Будимпешта е шок за статус-кво на Балканот. Смета дека за Србија и слични актери, тоа значи крај на „пријателството“.

Фото: Принтскрин/Јутјуб

-Новата унгарска влада секако му одговара на Брисел бидејќи ќе биде попредвидлива во однос на ЕУ, но и побавна кон своите партнери бидејќи позицијата на Унгарија како тампон-зона помеѓу Украина и ЕУ е незавидна. Дали ова ќе доведе до побрза европеизација на регионот или до нови тензии ќе зависи од тоа колку Вучиќ и Петер Маѓар ќе успеат да ги прилагодат своите политики на новата реалност. Сигурно е дека Маѓар нема да се обиде премногу да го промени својот став кон Србија и Вучиќ, но тоа ќе предизвика најголема штета на унгарското национално малцинство. Сепак, тој не е во позиција премногу да се грижи за нив бидејќи сега е должен да ја спроведува агендата од Брисел, која од срце му помогна да дојде на власт – едноставно им го должи тоа.

Ситуацијата е сè уште свежа (изборите се одржаа пред два дена), па целосните последици ќе се видат дури по формирањето на новата влада и првите состаноци. Едно е сигурно: ерата „Орбан-Вучиќ“ заврши, а настапува ерата на „Маѓар и бриселската агенда“, посочува Ињац.

Како ќе влијае падот на важна фигура како Орбан во оската со Вучиќ-Додик-Мицкоски? За аналитичарот, оската нема да исчезне преку ноќ (Вучиќ и Додик сè уште се на власт и имаат свои бази), но губењето на нивниот главен заштитник носи понеизвесна ситуација.

-Властите на Вучиќ, Додик и Мицкоски станува покревки, помалку координирани и поизложени на надворешни притисоци. Вучиќ веќе почна да „обезбедува“ дипломатија со новите власти во Будимпешта, но ова е повеќе прагматизам отколку продолжување на старата „братска“ динамика. На долг рок, ова е удар врз стратегијата на „балканските нелиберали“ кои се потпираа на Орбан како мост кон ЕУ, наведува Ињац.

Соговорникот е дециден дека Движењето Тиса не е исто што и Фидес. Како што вели, таборот на Орбан е самопрогласена централно-десна партија, потпирајќи се на Америка, Тиса е поекстремна десно од Фидес, потпирајќи се на Брисел и Сорос.

-Иако формално политиката на обете партии е националистичка, антиимигрантска и ориентирана кон заштита на унгарските национални, политички и економски интереси, Тиса и Маѓар се луѓе на Брисел. Тие ќе мора да направат поголеми отстапки кон Зеленски и Украина. Тие ќе мора, доколку им се наложи, финансиски да го поддржат Зеленски. Тие дури може да ја испратат унгарската војска во Украина. Тие ќе мора постепено да ги прекинуваат односите со Русија и да се свртат кон западните извори на енергија, кои се многу поскапи, што неизбежно ќе влијае на унгарската економија. Накратко, тие повеќе нема да имаат толку слобода да одлучуваат и да ги бранат унгарските интереси. Сега унгарските интереси се подредени на интересите на Брисел. Без разлика дали на Унгарците им се допаѓа или не, и без разлика колку Петар Велики го убедува својот електорат дека ќе биде најголемиот Орбан од Орбаните, тоа едноставно нема да се случи, потенцира Ињац.

Што се однесува до Вучиќ, додава аналитичар, сигурно е дека по падот на Орбан, Брисел ќе го зголеми притисокот врз Вучиќ. Сепак, како што вели, во Србија имаше толку многу државни удари што гласачкото тело стана речиси незаинтересирано за политиката.

-Вучиќ сè уште има цврста машинерија за гласање и силна политичка база. На крајот на краиштата, Вучиќ никогаш не ги прекина добрите односи со Сорос, напротив, ги одржуваше паралелно додека Орбан беше на власт. Но, сигурно е дека одбивањето на средствата од ЕУ ќе има сериозни импликации врз животниот стандард во Србија, а со тоа и слабеењето на Вучиќ. Дали Вучиќ ќе го преживее падот на Орбан зависи од понатамошните геополитички случувања, бидејќи тој знае добро да плива, заклучува соговорникот.

Н.П.