Филмот “50 нијанси сиво” годинава собра најмногу награди “Златна малина”. Антинаградите традиционално се доделуваат ден пред церемонијата на Оскарите, која ќе биде доцна оваа ноќ.
Пластичната статуетка за најлош филм беше поделена меѓу “50 нијанси сиво” и “Фантастична четворка”. Во оваа категорија номинирани беа уште “Патот на Јупитер” и “Пиксели”.
Како најлоши актери се прогласени Џејми Дорн и Дакота Џонсон за главните улоги во “жешкиот филм”. Добија и признание за најлоша филмска двојка. Петтата “малина” филмот “50 нијанси сиво” го доби за најлошо сценарио.
Златната малина чини помалку од 5 долари.
За споредна улога статуетка беше доделена на Еди Редмеин за неговото учество во “Патот на Јупитер”. Најлош режисер стана Џош Транк за неговата работа на филмот “Фантастична четворка”.