Абазовиќ: Неопходно е да се сврти нов лист во односите меѓу Србија и Црна Гора

од Vladimir Zorba

Премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ денеска изјави дека му претставува голема чест што неговата прва посета на регионот е во Белград и посочи дека дошол да сврти нов лист во односите меѓу двете земји.

„Тука сме да свртиме нов лист и да ги подигнеме нашите политички и севкупни односи на највисоко ниво“, рече Абазовиќ на заедничката прес-конференција со српската премиерка Ана Брнабиќ.

„Денеска влеговме во нов циклус, ќе ги отвориме и решаваме сите прашања со цел граѓаните на Србија и Црна Гора“, рече црногорскиот премиер.

Премиерот на Црна Гора рече дека денеска дошол во Белград со добра волја и дека треба да се ресетираат српско-црногорските односи и дека не може веднаш да се решат сите прашања.

На прашањето дали воопшто може да се ресетираат овие односи, со оглед на тоа што не е решено ниту едно отворено прашање, поточно екстрадицијата на Светозар Маровиќ, тој рече дека има спротивставени ставови конкретно за тоа прашање и дека не може се да се реши одеднаш на една средба.

Абазовиќ изјави дека очекува да се реши прашањето за именување амбасадори и оти очекува да има нови амбасадори на Србија и Црна Гора во Подгорица и во Белград.

Запрашан од новинарите дали црногорската влада е подготвена да ја поништи одлуката за прогласување на Владимир Божовиќ за персона нон грата доколку Србија продолжи да инсистира тој да биде амбасадор во Црна Гора, Абазовиќ рече: „Она за што разговаравме (со премиерката Брнабиќ) е во во духот на добрата соработка, треба да имаме амбасадори на Црна Гора во Белград и на Србија во Подгорица. Ова е многу важно за овие теми кои се од економска природа. Дека имаат и своја дипломатска мисија, како и во остварувањето на економската дипломатија“.

Абазовиќ најави и средба со патријархот на СПЦ.

„Утре ќе се видам со патријархот на СПЦ на кратка средба, што ми претставува задоволство, а целта ми е да видам што повеќе луѓе за релаксирање на односите меѓу двете земји“, изјави денеска Абазовиќ.

Слични содржини