Адвокатите на Јанева: Казната е превисока, судот треба да суди врз основа на докази

од Берта Китинска

Како одбрана на Катица Јанева сме разочарани од пресудата и казните кои ги слушнавме. Сметаме дека апсолутно е превисока казната, изјави адвокатката Ирена Фрчковска, по објавата на пресудата за случајот „Рекет“.

Судот во својот вовед, посочи Фрчковска, кажа дека со оваа пресуда сака да се врати довербата во правосудството, но ние како одбрана сметаме дека со вакви пресуди не се враќа довербата.

– Напротив, сметаме дека судот треба да суди врз основа на докази. А во конкретниот случај, докази дека Катица Јанева го сторила кривичното дело за кое денеска е осудена не постојат. Целата јавност беше сведок дека за Катица Јанева обвинителството не достави никакви докази, изјави Фрчковска.

Најави дека ќе се жалат и ќе поднесат жалба до повисоките судови.

– Се надеваме дека повиосоките судови ќе имаат поголем сенс за правда и правичност, за носење на одлуки кои се базираат на докази. Ќе се бориме до крај како одбрана и пред домашните и пред сите меѓународни судови, изјави Фрчковска.

Адвокатот Дељо Кадиев, рече дека и понатаму стојат на тоа дека не постоел ниту еден доказ за вината на Катица Јанева.

– Ќе поднесеме жалба. Ќе видиме прво образложението какво ќе биде. Навистина, во овој момент, не можам ниту да претпоставам кое ќе биде образложението на судот со кое го прифати во целост фактичкиот опис на кривичното дело во диспозитивниот дел на обвинението. Апсолутно немаше доказ за ништо од тоа, изјави Кадиев.

Судот денеска ја прогласи Катица Јанева за виновна во случајот „Рекет“ и и изрече затворска казна од седум години.

Слични содржини