Адвокатката на газда Деко побара куќен притвор за нејзиниот клиент, му било влошено здравјето

Одбраната на Дејан Јованов информира дека тој денеска со отворена рана по оперативен зафат е спроведен од болнички услови на судење

од Nikola Popovski
36 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/Алфа ТВ

Ново рочиште во судницата во Идризово за случајот „Пулс“. Треба да продолжи со распит на нови тројца сведоци на обвинителството. На почетокот, oдбраната на првообвинетиот за пожарот во Кочани, сопственикот на изгорената дискотека, Дејан Јованов-Деко, побара да му биде заменет притворот со мерка куќен притвор поради сериозно и алармантно влошување на неговата здравствената состојба.

Бранителот на Деко, адвокатката Ивана Коцевска изјави дека „мерката притвор не соодветствува со целта, ова не е мерка за обезбедување присуство, туку казна пред судење“.

Таа кажа дека судот е запознаен со здравствената состојба на обвинетиот, и нагласи дека тој денеска со отворена рана по оперативен зафат е спроведен од болнички услови на судење.

-Ова ги премина сите човечки граници на хуман третман и сметам дека е неопходно да му се укине притворот и замени со куќен. Селективна примена на оваа мерка, само на двајца од вкупно 34 кои се товарат за исто дело, иако Дејан е со најлоша здравствена состојба. Мерката притвор не соодветствува со целта, ова не е мерка за обезбедување присуство, туку казна пред судење, изјави Коцевска.

На претходното, ниту еден од четворицата сведоци на обвинителството не дојде на главната расправа. За двајца од нив беше побарано и одобрено психијатриско вештачење за да се утврди дали се подобни да дадат исказ со оглед на тешката психофизичка состојба на која се пожалиле.

Во Кривичниот суд рочиште и за тројцата полициски службеници обвинети за случајот „Пулс“.