„Срамота – пуштете го, ние ќе му пресудиме“, велат родителите на настраданите од Кочани на барањето Деко да биде пуштен од притвор

Дел од одбраната на обвинетите тврди дека кај некои од починатите имало присуство на алкохол и дрога

од Nikola Popovski
305 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб

Според обдукциските протоколи, односно наоди изготвени од Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија, дел од жртвите од трагедијата во Кочани во своите тела имале присуство на алкохол и некаков вид на дрога. Ова го соопштиле дел од адвокатите на обвинетите за пожарот во „Пулс“. На паузата од денешното рочиште, реагирале родителите на настраданите.

-Со сериозна загриженост реагираме на изјавата на бранителката на обвинетите во која се тврди дека кај починатите имало присуство на алкохол, дрога или други психоактивни супстанци. До овој момент, вакви податоци не ни се доставени ниту нас ниту се презентирани како официјален доказ во постапката. Сметаме дека изнесувањето на вакви тврдења, без јасни и проверени официјални докази, претставува сериозно и недозволиво обвинување кое директно го нарушува достоинството на починатите и дополнително ја продлабочува болката на нивните семејства, рече Александар Наунов, татко на починатата Надица Наунова.

На почетокот на судењето, адвокатката на газдата на дискотеката, Дејан Јованов-Деко побара укинување на мерката притвор поради здравствени причини. На тоа имало бурни реакции од родителите кои во судницата довикувале „Срамота“, „Пуштете го, ние ќе му пресудиме“…Дел од адвокатите побарале исклучување на јавноста. Судијката само издала предупредување.

Најголем дел од загинатите во „Пулс“, починале од насилна смрт, како резултат на задушување од труење и интоксикација од јаглерод моноксид.