„Ако сакате, дојдете овде на одмор, многу е убаво“: Почнаа разговорите меѓу Ердоган и Путин (ВИДЕО)

од Stefanija Kuzmanovska

Рускиот претседател Владимир Путин и турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган започнаа разговори во рускиот град Сочи на брегот на Црното Море, јавуваат руските медиуми.

Телевизискиот пренос покажа како двајцата претседатели се ракуваат пред почетокот на разговорите. Поздравувајќи го турскиот лидер во понеделникот, Путин рече: „Ако сакате, дојдете овде на одмор, овде е многу убаво“, објави Си-Ен-Ен.

„Ова е наша прва лична средба по изборите во Турција. Би сакал уште еднаш да ви честитам за изборните резултати“, му рече Путин на Ердоган.

Во разговорите се очекува да биде вклучена и можноста за заживување на Црноморската иницијатива за жито, од која Русија се повлече во јули.

Според руската страна, ќе се разговара и за предлогот на Москва за испорака на милион тони руско жито во Турција, кое потоа, со финансиска помош на Катар, би се дистрибуирало до земјите на кои им е најпотребно.

„Има што да се разговара од гледна точка на обезбедување безбедност во регионот. Се разбира, нема да ги игнорираме прашањата поврзани со украинската криза. Имаме намера да поставуваме прашања за договорот за жито. Отворени сме за преговори“, изјави рускиот лидер на почетокот на средбата, пренесува РИА Новости.

 

„Во областа на енергетиката, како што кажав, се движиме многу самоуверено, постигнати се договори меѓу главните добавувачи. Се надевам дека ќе биде така. Во блиска иднина ќе бидеме сведоци на тоа“, додаде Путин.

По билатералните разговори во Москва со неговиот турски колега минатата недела, министерот за надворешни работи Сергеј Лавров повтори дека Русија ќе биде подготвена повторно да се приклучи на договорот за жито од Црното Море штом види гаранции дека придобивките ветени на Русија ќе бидат имплементирани.

Испораката на природен гас од Русија за Турција, исто така, би можела да биде дел од разговорите во понеделник, наведува официјалната руска новинска агенција ТАСС.

Слични содржини